Владата ќе потроши 620.000 евра за три рекламни кампањи. Ќе го испитува јавното мислење и ќе ги едуцира граѓаните за вакцинацијата против Ковид 19, за корупцијата, а ќе испитува и што тие мислат за владините политики.

Договорите со неколку компании се веќе склучени. Тие имаат рок одат 6 месеци или до средината на јануари наредната година да ги осмислат и реализираат кампањите. Вкупниот колач од 620.000 евра го делат вкупно четири фирми, пренесува Телма.

Експертите се категорични – ова е неразумно трошење на народните пари. Спорни за нив покрај кампањите се и високите суми кои ќе се трошат за нив.

За мене ова е нерационално трошење на буџетски средства, посебно се проблематични високите износи на овие средства, не знам како е дојдено до 600.000 евра и можеби и моментот, меѓутоа можеби повеќе треба да се ангажираат институциите за спроведување и на политиките и на другите надлежности отколку тоа да се врши со кампањи. Спорни ми се и сомнителни и покрај износите како е дојдено до тие износи колку ќе трае тоа и кои се овие фирми кои ги добиле тие тендери. Износите ми се навистина високи. Спорни ми се, вие не може за една кампања да трошите 100.000, 200.000, 300.000 евра, вели за Телма, Вања Михајлова, експерт за антикорупција.

Според договорите кои веќе се објавени на Бирото за јавни набавки три компании Агенција Рејтинг, Еден на Еден и Технографика ќе поделат вкупно 263.000 евра за првата кампања – за успешна вакцинација и заштита на населението од КОВИД 19. Имаат шест месеци или до јануари наредната година да и испорачаат на Владата идејно решение и продукција на основните елементи на кампањата, печатен промотивен материјал, ПР стратегија за информирање и едукација на јавноста.

Тендерот за втората кампања- за спречување на корупцијата тежи вкупно 241.000 евра. Парите ќе ги делат две фирми – повторно Еден на Еден и Технографика. А ќе треба да осмисли и изработи и радио и тв спотови.

А владата ќе потроши и 116.000 евра за да го слушне мислењето на граѓаните колку се добри владините политики и дали тие ефикасно ги спроведуваат. Парите ќе ги добие компанијата “ТИМ Институт“. Испитувањата ќе треба да ги прави редовно, но и ад-хок по потреба.

Кампањите ги нарачал Генералниот секретаријат на Владата.

Од Телма побарале одговори зошто се трошат стотици илјади евра за кампањи, кога сегашната власт кога беше во опозиција силно ги критикуваше тие на претходната– и дали дел од нив, како таа за вакцинацијата не се задоцнети. Но до овој момент одговори не добиле.