Нема информација дели вицепремиерот Љупчо Николовски ја почнал постапката за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, кој отворено одби да прифати во неговата институција да бидат прераспределени 35 „рамковни административци“, но од Владата информираат дека до кабинетите на премиерот Зоран Заев и вицепремиерите Љупчо Николовски и Артан Груби, не е пристигнато барање ниту петиција од вработени во Државниот пазарен инспекторат.

Инспекторите во Државниот пазарен инспекторат застанаа во одбрана на својот шеф и бараат да се повлече барањето за негово разрешување. По најавите на премиерот Зоран Заев дека пркос не е дозволен и дека ќе биде побарано разрешување на Пауновски, инспекторите побараа средба со него но беа одбиени. Најавено е дека и денеска ќе се обидат да се сретнат со премиерот.

Владата, тврдат оттаму, не очекувала ниту пак барала распределените лица вработени по рамковен во Државниот пазарен инспектортат да бидат инспектори, туку да бидат распределени како административци, а за зајакнување на капацитетите е одобрено барањето за прием на 15 инспектори.

– Владата нема очекувања ниту побарувања распределените лица во Инспекторатот да ги вршат работите на инспекторите, но Владата знае дека во сите институции има потреба од дополнителен ангажман на различни нивоа, особено ако за тоа институцијата нема дополнителен финансиски трошок. Затоа, не треба да се манипулира јавноста дека ова распоредување кое е согласно усвоен закон и согласно одлуки на Владата, ја заменува потребата од нови кадри – велат од Владата.

Според Владата, планот за распределба на административните службеници преку Програмата К-5, се реализира во 237 државни институции и ниту една од нив не одбила да го спроведе освен директорот на Државниот пазарен инспекторат.