Два објекти затворени. Ова денеска го соопшти портпаролот на Владата, Марија Митева. Таа информираше за преземените активности од страна на институциите во врска со почитувањето на деновите на жалост.
Два објекти не ја почитувале одлуката за денови на жалост
Вонредни контроли спроведоа Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи. Утврдено е дека два објекти не ја почитувале одлуката на Владата за денови на жалост и продолжиле со работа. Надлежните органи веднаш презеле мерки и наложиле затворање на овие локали.
Засилени инспекции и одземање на лиценци
Митева истакна дека контролите се во тек и се вршат темелни проверки на сите објекти, со и без лиценци, за да се утврди дали ги исполнуваат минималните технички услови.
Дополнително, Министерството за транспорт и врски утврдило дека околу 100 лиценци ќе бидат одземени, бидејќи правните субјекти што ги поседуваат престанале да ги исполнуваат законските услови по нивното издавање. Контролите во оваа област ќе продолжат и во текот на денот, по што ќе следи нов пресек на резултатите.
Здравствена и финансиска поддршка за повредените
На прес-конференцијата свое излагање имаа и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, како и директорот на СОЗР, Ивица Томовски, кои дадоа детални информации за активностите што ги презема државата во насока на поддршка на семејствата на повредените.
Владата најави продолжување на истрагите
Портпаролот Митева потенцираше дека Владата ќе продолжи со информирање на јавноста за сите преземени мерки, истраги и реформи. Таа нагласи дека институциите остануваат посветени на транспарентноста и одговорноста, со цел да се спречат слични трагедии во иднина.
„Болката од оваа трагедија е неизмерна, но ќе ја информираме јавноста како напредуваат истрагите и како ги спроведуваме неопходните реформи што се наша обврска како Влада“, заклучи Митева.