Владата вчера не расправала по предлогот на претседателот Стево Пендаровски и Советот за безбедност на „еден европратеник“ и други лица од Бугарија да не им се дозволи влез во Македонија на 4 февруари, туку тоа прашање го префрли на МВР. А денеска никој не кажува дали ќе им биде забранет влез во Македонија на европратеникот од Бугарија Ангел Џамбаски и на неколкумина радикални политичари од источниот сосед кои го негираат македонскиот народ. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не даде денеска децидна изјава како ќе постапи МВР.
„Врвен приоритет е Владата да го зачува мирот и стабилноста во државата. Знаеме дека секогаш имаме радикални структури кои поради лични или други интереси сакаат да се нарушува тој процес на стабилизација на односите. Од друга страна, никако не смееме да дозволиме да се наруши безбедноста на нашите граѓани. Владата вчера разговараше на оваа тема, го задолжи МВР да преземе надлежности во зачувувањето на безбедноста и стабилност во соработка со Агенцијата за национална безбедност“, изјави Спасовски.
Во одговор на новинарско прашање дали бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски ќе биде вратен назад, ако се појави на границата за да присуствува на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари, министерот Спасовски одговори дека за тоа ќе одлучува тогаш.
„Ќе одлучиме на 4 февруари“, рече Спасовски.
Министерот Бујар Османи пак, во однос на забраните за граѓани кои навредуваат, како што рече, „треба да воведеме принцип кој ќе навреди на територија на Република Северна Македонија, ќе го оспори постоењето на македонскиот народ или ќе покаже територијални претензии, истиот ден треба да му се забрани понатамошен влез во земјава“.
„Овој принцип треба да ни биде основа за нашата политика по однос на овој проблем. Тоа треба да го знаат сите, ако го знаат ќе бидат многу внимателни и само на тој начин ќе го прекинеме тој циклус“, потенцира Османи, додавајќи дека не треба да се има ретроактивен пристап во ниту еден проблем.
Османи порача дека никој нема да го обесхрабри и со јавни критики да се грижи за сите заедници, вклучувајќи ја и бугарската заедница.
„Тоа е наша должност, имиџ пред светот и не смееме да го загрозиме тоа што сме го постигнале“, рече шефот на дипломатијата.
Инаку, Владата по вчерашната седница, за ова прашање информираше сосема на крајот од соопштението и наведе дека се донесени „заклучоци“ во врска со одбележувањето на 4-ти февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев.
„Задолжено е Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, согласно со препораките од надлежните служби соопштени на вчерашната седница на Советот за безбедност“.
Премиерот Димитар Ковачевски, како што е наведено, ќе ја предводи владината делегација која во црквата Свети Спас во Скопје ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев. Во состав на делегацијата ќе бидат и вицепремиерот Артан Груби, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.