Владата  утре ќе одржи седница на која ќе се разгледа предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. По седницата, предлогот ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители за натамошно одлучување.

Владата: „Ќе продолжиме со реформите во правосудството“

Според соопштението од Владата, на седницата ќе биде разгледано мислењето на Министерството за правда.

– Ќе продолжиме со активности за подобрување на правосудниот систем. Довербата на граѓаните во институциите е сериозно нарушена. Нашата цел е да обезбедиме владеење на правото и функционална правна држава – наведуваат од Владата.

Обвинувања за незаконско постапување

Министерството за правда во своето мислење наведува дека во изминатиот период биле забележани сериозни проблеми во функционирањето на Јавното обвинителство. Проблемите вклучуваат меѓучовечки конфликти, корупција и неефикасност во кривичното гонење.

Според обвиненијата, Коцевски постапувал во случаи во кои постоеле околности што доведувале до сомневање во неговата непристрасност и судир на интереси. Дополнително, Министерството тврди дека обвинителот незаконски именувал вршител на должност на Вишото јавно обвинителство, заменувајќи го суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.

Коцевски ги демантира обвинувањата

Од друга страна, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ги отфрла тврдењата за незаконско постапување, посочувајќи дека неговите одлуки биле донесени во согласност со законските одредби и утврдените рокови.

Советот на јавни обвинители, кој ја има последната одлука за разрешувањето, ќе се произнесе откако ќе го добие предлогот од Владата.

Извор: Миа