– Даваме рок до вторник рано претпладне министерот за здравство и неговиот заменик да ги достават своите оставки до Собранието, како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден. Доколку не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, секако со понудена соработка и на други пратенички групи и пратеници, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот, до Собранието ќе поднесе Предлог-одлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство, најави вчера на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој соопшти дека предлог-одлуките за разрешување ќе бидат доставени во вторник пред одржувањето на веќе закажаната седница на Собранието, со барање да бидат ставени токму на дневен ред на ова собрансико заседание.

– Штом премиерот Заев си подигрува со Собранието и не ги доставува оставките до органот кој е надлежен, органот кој ги избрал министерот и заменик министерот, тогаш ќе одиме по оваа процедура, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.