„СДС во недостиг на резултати на централната власт се обидува да дефокусира со работата на локалната самоуправа. Но тука повторно се заглавуваат во кал и тоа поради две причини. Прво општинските власти генерално имаат тројно поголема доверба од Владата, а второ општините раководени од градоначалници од СДС не им се ни до колена по успесите и работата на општините предводени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Впрочем најдобар пример за тоа е општина Центар. Оваа општина која е една од најбогатите во Македонија и една од општините која нема потреба од водоводи и канализации, сепак е речиси катадневно поврзувана со скандали, афери и неуспеси.
Можеби градоначалникот Герасимовски нема дадено отчет за сработеното во овие две години, но само ако се погледнат медиумите за овие две години ќе се види дека општината Центар тоне во проблеми. Мораториумот за градба “умре“ и сега во општина Центар се случува урбанистички хаос. Приказна за себе се дивоградбите кои никнуваат на секој чекот, а градоначалникот и локалната власт немо ги посматраат. Како за општина која е центар не само на Скопје, туку и на Македонија и која е огледало на државата, имаме слика на нечисти улици, запуштени паркови и урбана опрема и нечистотии. Наместо да се справува со ова Герасимовски и СДС издаваат само градежни дозволи и го затрупуваат просторот во општината. Заборавија на ветувањата за хуманите услови за живот, за новите зеленила и слични шарени лаги. Патем оваа општина СДС ја раководи цели десет години и наместо напредок и промени кон подобро, гледаме пропаѓање и уназадување.