– Со овој предлог закон се предвидува рефундирање на разликата во цената помеѓу приватното и државното здравство на граѓаните кои се лекувале од КОВИД 19 во приватните болници. Дополнително, предлагаме сите, кои нема да можат да бидат примени во државна установа, да можат да отидат во приватна болница, каде ќе бидат лечени по цени, исти како и во државното здравство. Исто така, со дополнувањата на Законот за здравствена заштита, ќе предвидиме граѓаните со хронични и останати болести, кои повеќе од 60 дена се на листа на чекање за некоја операција или друга здравствена, дијагностичка и интервентна услуга во државното здравство, да можат да отидат во приватна болница, а услугата да ја платат по цена како во државното здравство, информира пратеникот Ристески.
Илјадници наши сограѓани, посочи тој, мораа да се лечат во приватни болници, за што беа принудени да платат и до 15 илјади евра, некои ги даваа последните пари, некои подигаа кредити, а некои собираа донации.
– Неспособноста на Венко Филипче и Зоран Заев ги втурна граѓаните во страшна сиромаштија. Граѓаните не можат да се тестираат на време, немаат пари за лекови, се чека за место во болниците и затоа Македонија се наоѓа помеѓу првите земји во црната статистика за смртност од КОВИД 19, додаде Ристески.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека под итно мора да се излезе во пресрет на граѓаните и со овој предлог на закон да се помогне пред се финансиски и на граѓаните кои се заразиле со КОВИД 19, но и на оние кои што се мачат со некоја друга хронична болест, а поради пандемијата предолго се ставени на листата на чекање.
– Државата мора да биде во служба на народот. Граѓаните не смеат да трпат и страдаат, затоа што Филипче и Заев наместо да работат одговорно и совесно тие се развозуваат со моторцикли. Пандемијата не познава слободни денови. Таа е тука секој ден и секој изгубен живот е уште една трагедија во нечие семејство, заврши Ристески.