ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДС, Левица и ДУИ намерно го блокирале донесувањето на новиот Изборен законик, за, како што велат од партијата, на следните избори да можат да се претставуваат како оштетени и жртви.

Во соопштение од владејачката партија се наведува дека трите политички субјекти се здружиле против еден од најважните закони од Реформската агенда, поради страв од изборен пораз, кој според ВМРО-ДПМНЕ бил сè поизвесен поради нивните ниски рејтинзи и намалената поддршка кај граѓаните.

„Овие три политички партии се здружија за да го блокираат еден од најважните закони од Реформската агенда, поради нивниот страв од изборен пораз, кој е сè поевидентен и поизвесен со оглед на нивните слаби рејтинзи и поддршка од граѓаните“, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека имало можност за постигнување широк политички договор, како и дека Владата понудила простор за усогласување на решението со барањата на опозицијата, препораките на меѓународните институции и овозможување право на глас за дијаспората.

Сепак, според владејачката партија, опозициските партии одлучиле да продолжат со опструкции и блокади.

„Како никогаш досега во македонската историја, на власт има политичка партија која на опозициските им вели да се договорат меѓу себе за сè што сакате и сето тоа ќе им биде прифатено, тие одбија и блокираа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека Македонија е лидер во регионот во исполнувањето на обврските од Реформската агенда, поради што, како што наведуваат, ќе добие најголем дел од финансиските средства од Планот за раст. Тоа, според нив, било потврдено и од европски функционери и претставници.

ВМРО-ДПМНЕ посочува дека европските претставници повикале на консензус меѓу политичките партии за донесување на Изборниот законик, но дека СДС и ДУИ, кои според партијата често се повикуваат на Европската Унија, заедно со Левица, решиле да го блокираат процесот.

„На СДС, Левица и ДУИ им порачуваме дека се прочитани и разобличени. Политиката на жртва која сакаат да ја применат нема да им помине, затоа што граѓаните добро знаат дека тие се извор на проблемите и блокадите“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.