ВМРО-ДПМНЕ денес ја обвини СДС дека молчи за нарко-скандалите на своите функционери. Од партијата наведуваат дека овие афери се поврзани со високи претставници на СДС, и бараат одговори од институциите.

Од ВМРО-ДПМНЕ го истакнуваат последниот случај со Јон Фрчковски, директор на Центарот за истражување и анализи на СДС.

„СДС и Филипче не реагираат и не се оградуваат од скандалот со Јон Фрчковски, кој како директор во Центарот за истражување и анализи на СДС консумира психотропна наркотична супстанца. Јавноста памети и друг случај, оној со Павле Богоевски, поранешен пратеник на СДС и лидер во шарената револуција, кој призна дека снимката на која нарачува психотропна наркотична супстанца е автентична. СДС има долга историја на афери со употреба и шверц на дрога поврзани со високи функционери. Поранешниот министер за внатрешни работи Спасовски молчеше и за аферата во која беше вмешана фирма-партнер на семејството Заеви, кога ДЕА пронајде дрога вредна над 800 илјади евра во комбе со грчки ознаки. Тогаш беа уапсени командирот на полициската станица во Прилеп, назначен од Спасовски, како и возачот на Трајче Заев, братучед на Зоран Заев“, посочуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат и на случајот со советникот Шпат Касапи од кабинетот на Артан Груби.

„Шпат Касапи, советник во кабинетот на вицепремиерот и бегалец Артан Груби, исто така беше фатен со пакетчиња кокаин“, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ инсистираат дека користењето дрога од функционери не е работа што може да се реши само со оставки, туку мора да се постапи согласно законот. Тие бараат надлежните органи веднаш да реагираат за Јон Фрчковски.

„Користењето на наркотични средства повлекува сериозни последици според законите. Јавноста очекува одговори зошто СДС не се огради од Јон Фрчковски. Каде и на кое работно место користел дрога? Зошто надлежните органи не реагираат и не го повикуваат на распит? Дали децата на црвената буржоазија се привилегирани па Фрчковски е изземен од законот? СДС треба веднаш да им се извини на граѓаните, а надлежните органи да почнат да работат“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека граѓаните заслужуваат целосни и јасни одговори од власта за нарко-скандалите.