Обвинувања за уставните измени
ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Венко Филипче ја продолжува политиката на поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, оценувајќи дека и тој е подготвен на нови отстапки во однос на националните прашања за да дојде на власт.
„Не е тешко да се заклучи што Венко Филипче сака да постигне со неговата гласност за внесување на Бугари во Уставот, со оглед на тоа што СДС секогаш се движи по истата траекторија на национални отстапки“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека последните уставни измени биле поврзани со промената на името на државата.
„Последните уставни измени кои се случија беа за промена на името на државата, за што заслужен беше менторот на Филипче, Заев“, велат од партијата.
Тврдат дека Филипче го повторува истото сценарио
Од владејачката партија оценуваат дека лидерот на СДСМ е подготвен да ги прифати бугарските барања без дополнителни гаранции.
„Филипче на чело на СДС, е подготвен да ја редефинира македонската историја, затоа што сонува за премиерска фотелја. По примерот на Заев, Филипче исто така кажува дека е подготвен на нова национална отстапка што ќе му ја овозможи оваа фотелја, вели дека ако било до него веднаш би ги вметнал Бугарите во Уставот, без понатамошни гаранции“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека ставовите на официјална Софија не се непознати.
„Ставовите на официјална Софија се дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека Македонците и Бугарите се ист народ во две држави и дека македонските револуционери се Бугари“, стои во соопштението.
„Граѓаните нема да дозволат нови отстапки“
Партијата тврди дека Филипче се обидува да добие поддршка надвор од државата, бидејќи, според нив, ја нема довербата од граѓаните.
„Со месеци се додворуваше на Бугарија, на Румен Радев, па даваше изјави во јавноста усогласени со бугарското МНР, се нудеше на нив за да некако се продаде кај нив, затоа што од македонските граѓани доби јасни пораки на неколку последователни избори, и знае дека народот нема да го гласа“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот, од владејачката партија порачаа дека граѓаните нема да прифатат нови идентитетски отстапки.
„Но, ова нема да помине. Филипче и СДС ги потценуваат граѓаните. Граѓаните нема да дозволат уште еден Заев да и се случи на Македонија, нема да дозволат уште една национална отстапка, нема да дозволат понатамошно обезличување на Македонија, пазарење со националните интереси и редефинирање на македонската историја“, се наведува во соопштението.
