Четири лица починале во Велс, што значи дека Велика Британија покажала мало зголемување од два смртни случаи во неделата.

Борис Џонсон потврди дека Англија ќе продолжи да ги укинува дополнителните ограничувања и следната недела.

Од 17 мај, благодарение на поволните податоци за бројот на ново заразени и вакцинирани, Англија дополнително ќе ги олесни ограничувањата наметнати поради ковид-19 и, меѓу другото, ќе дозволи собири во домови, објави вчера британската влада

Таа земја е во фаза на укинување на мерките за затворање во согласност со планот од четири чекори објавен во февруари.

Во третата фаза од планот, како што е најавено, за прв пат по неколку месеци, на граѓаните ќе им биде дозволено да се состануваат во затворен простор во групи до шест лица или две цели домаќинства.

На баровите и рестораните, исто така, за прв пат по неколку месеци, ќе им биде дозволено да ги послужуваат посетителите во затворени простории според одредени правила. Другите затворени простории за забава и спортски објекти, исто така, ќе можат да започнат со активности.

Кабинетот на премиерот Борис Џонсон објави дека одлуката за преминување во третата фаза на олеснување на мерките ги зема предвид последните податоци за вакцинациите, смртните случаи, бројот на нови инфекции и хоспитализации и ризиците од новите варијанти на коронавирус.

-Податоците го покажуваат она што веќе го знаевме – нема да дозволиме вирусот да не победи, рече Џонсон, се вели во соопштението од неговиот кабинет.

 

-Планот продолжува како што беше планирано, нашата успешна програма за вакцинација продолжува, повеќе од две третини од возрасните во Велика Британија сега ја примија првата вакцина и сега можеме да очекуваме претпазливо, но неповратно отворање.

Џонсон треба да објави дополнителни детали на прес-конференција во понеделник.

Полуавтономните власти на Шкотска, Велс и Северна Ирска имаат свои специфични временски планови за ублажување на ограничувањата наметнати поради ковид-19.

Во Обединетото Кралство досега починале 127 000 луѓе како резултат на инфекцијата со ковид-19, а земјата помина низ исклучително тежок втор бран, кој достигна врв кон крајот на јануари, но оттогаш бројот на нови инфекции и смртни случаи нагло опаѓа.

Во неделата во Велика Британија имало 1.770 нови инфекции и два смртни случаи, додека на врвот на вториот бран дневниот број на нови инфекции надминувал 80.000 , а 1.300 луѓе починале во најлошиот ден.

Владата веќе потврди минатата недела дека меѓународните патувања ќе бидат дозволени на 17 мај, но со строги ограничувања, освен за неколку земји.