Фридрих Мерц: Очекувам да формирам влада до Велигден, но преговорите ќе бидат тешки
И покрај убедливата победа на ЦДУ/ЦСУ, Мерц ќе мора да оди со широка коалиција. Лидерот на германските конзервативци, Фридрих Мерц, изјави дека се надева дека ќе успее да формира влада до Велигден. Неговиот блок ЦДУ/ЦСУ победи на вчерашните парламентарни избори во Германија. Сепак, сложените коалициски преговори се неизбежни, бидејќи ЦДУ/ЦСУ освои помалку од очекуваните 30% од гласовите. Мерц јасно нагласи дека нема намера да коалицира со десничарската Алтернатива за Германија (АфД), која оствари историски резултат со 20,8% поддршка.
Коалициските математики на Мерц – широка коалиција
Мерц настојуваше да добие силен мандат за да формира влада само со уште една партија, но сега ќе мора да бара поширока коалиција. Притоа, тој не мора да се потпре на Зелените, бидејќи новоформираната партија БСВ, предводена од поранешната лидерка на Левица Сара Вагенехт, не успеа да го помине прагот од 5% за влез во парламентот.
Партијата Левица освои 8,8% од гласовите, завршувајќи на петтото место, зад Зелените, кои добија 11,6%.
Сепак, преговорите за новата германска влада може да траат со месеци. Не е исклучена ниту можноста за нови избори.
Политичка неизвесност по најслабиот резултат на Социјалдемократите
Најверојатниот коалициски партнер на Мерц, досега владејачките Социјалдемократи (СПД), забележаа катастрофален резултат, освојувајќи само 16,4% од гласовите – најслаб резултат во нивната историја. Актуелниот канцелар Олаф Шолц изјави дека нема да учествува во преговорите за формирање влада, што дополнително ја комплицира ситуацијата.
„Германците гласаа за промена. Обидите на Мерц да формира коалиција ќе завршат со неуспех и ќе имаме нови избори. Мислам дека нема да мора да чекаме уште четири години“, изјави лидерот на АфД, Алис Вајдел.
Економски и геополитички предизвици за идната влада
Широка коалиција ќе значи и многу презивици за идниот канцелар. Фридрих Мерц, кој нема претходно владино искуство, ќе треба да ја води најголемата европска економија во време на економска нестабилност, поделби во општеството околу имиграцијата и геополитички тензии меѓу Западот, Русија и Кина.
„За мене, апсолутен приоритет ќе биде да се зајакне Европа најбрзо што може, за да можеме да постигнеме вистинска независност од САД чекор по чекор“, изјави 69-годишниот Мерц.
Највисока излезност од обединувањето на Германија
Според прелиминарните резултати, ЦДУ/ЦСУ освои 28,6% од гласовите, додека АфД доби 20,8%, со огромна поддршка на истокот од земјата, каде што освои 34% од гласовите.
Излезноста на изборите беше 83%, што е највисока од обединувањето на Германија во 1990 година.