Германскиот министер за здравство Јенс Шпан најави ублажување на мерките за вакцинираните по извештајот на епидемиолошки институт „Роберт Кох“ дека луѓето вакцинирани против ковид-19 немаат ризик од пренесување на вирусот.
Кој е целосно вакциниран, во иднина мора да се третира како и луѓето со нов негативен тест за ковид-19, рече Шпан во интервју за неделното издание на весникот „Билд“.
Според најновите откритија, ризикот од пренесување на коронавирус кај лица кои биле вакцинирани, најдоцна 15 дена по примањето на втората доза на вакцината, е помал отколку кај луѓето со негативен тест за коронавирус, се вели во извештајот на институт „Роберт Кох“.
Според институтот, луѓето кои примиле втора доза вакцина треба да бидат изземени од задолжителни тестови и карантин.
Германскиот министер за здравство рече дека извештајот на Институтот бил испратен вчера до федералните провинции со цел лицата кои биле вакцинирани што побрзо да се ослободат од обврската за тестирање и самоизолација.
Вакцинираните лица на тој начин би можеле да имаат пристап до услуги како фризери или влегување во музеи каде што е потребен нов негативен тест за ковид-19.
Следните недели, во разговори со покраинските власти, треба да ги спроведеме новите мерки, рече Шпан.