Пред влегувањето во сила на измените на законот, германската Влада апелираше до граѓаните да се придржуваат до мерките, особено оние во врска со намалување на контактите, што вклучува и забрана за движење од 22 до 5 часот наутро.
– Знам дека е тешко, дека тоа тешко му паѓа на секој од нас, но тоа е нужно за еден ваков преоден период, изјави вчера министерот за здравство Јенс Шпан.
Особено контроверзна е мерката за забрана за движење во текот на ноќта, против која се поднесени бројни тужби пред Уставниот суд во Карлсруе.
Мерките усвоени од Долниот и Горниот дом на парламентот, Бундестагот и Бундесратот, во средата и четвртокот, вклучуваат мерки за намалување на контактите, кои овозможуваат едно домаќинство да се сретне со само едно лице од друго домаќинство.
Трговците во малопродажба, продавниците за храна и за секојдневни потреби и аптеките ќе можат да примаат клиенти само со негативен тест за коронавирус и со претходно закажување.
Со седумдневна инциденца над 165 веднаш и во целост се преминува кон онлајн настава во училиштата.
Од 22 до 5 часот забрането е движење, со исклучок на трчање или пешачење за поединци на кои тоа им е дозволено до полноќ. Од полноќ до 5 часот наутро, само на луѓето со многу силна причина, како што се одење на работа или на лекар, им е дозволено да излегуваат на улица.
Според МВР, забраната за движење се однесува и на патувањата, а исклучок единствено се деловните патувања.
Сите овие мерки автоматски стапуваат на сила во оние градови и области каде што седумдневната инциденца во три дена по ред е со вредност над 100.
Според Државниот епидемиолошки институт, Роберт Кох денеска оваа мерка се однесува на 345 од 412 области во Германија.
Остануваат во сила мерките што беа воведени на почетокот на ноември минатата година, а кои се однесуваат на забраната за работа на културните, спортските и угостителските објекти.
Законските измени што придонесуваат за унифициран пристап низ целата земја беа воведени откако федералните и провинциските власти не можеа да се договорат за униформна примена на мерките за борба против ширењето на коронавирусот.
Сега централната влада може сама да наметне мерки, а кои досега беа одговорност на федералните покраини.
Законските измени во моментов се ограничени до крајот на јуни.