Дури 89 отсто од случаите на пожари регистрирани во Грција од почетокот на годинава до денес биле предизвикани од невнимание, покажуваат податоците на грчката противпожарна служба. За овие случаи досега биле уапсени 279 лица.

Дополнително, 35 лица, односно 11 отсто од вкупниот број случаи, биле уапсени поради намерно предизвикување пожари.

За истрагите и апсењата во ваквите случаи е надлежна Дирекцијата за справување со кривични дела поврзани со подметнување пожари при противпожарната служба.

Од грчката противпожарна служба нагласуваат дека секој случај на намерно подметнување пожар се истражува детално, особено кога со него директно се загрозуваат човечки животи, имот и природната средина.

„Секое намерно подметнување пожар, со кое директно се загрозуваат човечки животи, имот и природната средина, се истражува детално, а сторителите, кога ќе бидат идентификувани, веднаш се изведуваат пред лицето на правдата“, посочија од противпожарната служба на Грција.

Последниот ваков случај е регистриран доцна синоќа во поширокиот регион на Атина. Државјанин на Пакистан, кој веќе е уапсен, со употреба на запалка предизвикал пожар во сува трева.

Пожарот бил предизвикан на три одделни жаришта долж булевар во западниот дел на областа Атика.