Хрватската полиција денеска претпладне доби дојава од Управата за цивилна заштита дека од радарот на Хрватската служба за воздухопловна навигација во 11,25 часот исчезнал авион од типот „Цесна 182“ на поширокото подрачје на Слуњ.

Во меѓувреме, Хрватската планинска спасувачка служба соопшти дека спортскиот авион со четири патници се урнал северно од Раковица, но потоа ја повлече објавата и напиша на Твитер дека е исчезнат.

Според неофицијални информации, во авионот се наоѓале четворица унгарски државјани. Од друга страна, весникот „Вечерњи лист“ пишува дека неофицијално дознал оти патувале тројца Германци и еден Хрват.

Авионот летал од правец на Сплит кон Германија.

Веднаш по пријавата, во потрагата на теренот се ангажирани над 60 припадници на полицијата и на Хрватската планинска спасувачка служба кои користат дрон. Полицијата соопшти дека во потрагата се вклучени и припадници на специјалната и интервентната полиција.

Лошите временски услови оневозможуваат летање на хеликоптери, кои инаку би се користеле во потрагата. Во моментот на исчезнувањето на „Цесна“, времето било уште полошо.