Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишен жител на Слупчане кој во својот автомобил, неовластено, заради продажба, држел вкупно 31,67 грама наркотична дрога – марихуана, спакувана во повеќе помали пакувања.

Како што информираат од Јавното Обвинителство на Република  Македонија, при извршен преглед на возилото, полициски службеници ја откриле и одзеле дрогата, а осомничениот се сомничи за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка на Основниот суд во Куманово поднел предлог за определување на мерката притвор против осомничениот, бидејќи постои основан страв дека може да се даде во бегство, но и да го повтори кривичното дело доколку се брани од слобода. Судијата донел Решение со кое му определил мерка притвор во траење од 30 дена.​