По повеќе од две години одлагање, во Косово денеска ќе започне пописот на населението, домаќинствата и становите/куќите, вклучително и на северот на земјата, населен со мнозинско српско население, во процес кој ќе трае шест недели, односно до 17-ти мај годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во пописот ќе бидат ангажирани околу 3.500 попишувачи и 891 набљудувач, како и персоналот на Агенцијата за статистика на Косово (АСК).
Овојпат има седум прашалници што треба да се пополнат, а во овој попис е додаден и прашалникот за штетите од војната во 1998-99 година и прашалникот за регистрација на дијаспората.
Собирањето на овие податоци АСК го оправдува со важноста за градење подобри политики за државата, планирање на буџетот и инвестициите, подобрување на условите за живот во земјата и за странски инвестиции.
Според законот, секој жител на Република Косово е должен на попишувачот да му ги достави сите точни податоци во прашалниците за пописот на населението.
Прелиминарните резултати од пописот се очекува да бидат објавени во рок од три месеци.