Решение за државјанства за фантомите се очекува да биде постигнато на средбата во понеделник помеѓу премиерот Зоран Заев и лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши, а со тоа и да се одблокира петтиот пакет економски мерки во Собранието.

Ова се очекувањата по најавите на власта, но и на опозициските АА-А за законот за државјанство.

Според информации на Плусинфо од висок функционер од опозициската коалиција, АА-А ќе попушти и ќе се согласи преодното решение понудено од власта да биде одредба од законот, а веќе се откажа и од барањето државјансто да се добие со сведоци.

Власта, пак, на маса ќе ги стави најлибералните решенија кои постојат во светот да важат кај нас за фантомите да се стекнат со државјанство.

Алијанса и Алтернатива по првата средба ја отфрлија понудата од власта за преодно решение, односно државјанства да може да добијат само лицата кои се во евиденцијата на МВР и тоа во временски период од шест месеци.

Според функционерот, Алијанса и Алтернатива на средбата со Заев ќе понудат преодното решение да биде дел од Законот за државјанство и со поголема временска рамка, веројатно една година, поради пандемијата за граѓаните да имаат време да го решат статусот на државјнаство. Од таму велат дека се конструктивни и дека впечаток им е дека и власта сака да најде решение за таа категорија граѓани.

На лидерската в понеделник останува отворено прашањето како ќе се реши условот – државјанство да може да стекне само граѓанинот кој го познава официјалниот јазик на државата – македонскиот.

Алијанса и Алтернатива остануваат на барањето за добивање државјанство да важи познавање на според нив, еден од службените јазици, односно албанскиот јазик.

Тие тврдат дека, од евидентираните граѓани без државјанство голем дел се постари односно лица на 70 – 80 година, кои се родени и живеат во Македонија, но не го владеат македонскиот јазик. Нивните аргументи се дека тие не можат сега, допрва, за кусо време да го научат македонскиот јазик или пак како што понудила власта да имаат познавање од историјата и културата на Македонија. Можно е велат од АА-А ако за тоа барање не се најде решение да се отвори друг проблем, односно да бараат во Собранието автентично толкување на Законот за јазиците од 2017 година. Опозициските партии сепак се надеваат на договор со власта бидејќи како што велат „лошо се чувствуваат“ поради блокадата на Собранието, особено на петтиот пакет антикризни мерки.

Заев и денеска повтори дека очекува брз договор за измените на Законот за државјанство со опозициските Алијанса и Алтернатива.

– Се подготвиваме да излеземе во пресрет на барањата на опозицијата за постигнување на целта оние граѓани кои немаат државјанство а се наши граѓани, да го добијат. Верувам дека ќе го најдеме решението. Произлезен е заклучок дека сведоците не се решение, но има 10 до 15 услови таксативно наведени за добивање државјанство, со исполнување на еден од нив како во 2004 и 2005 година ќе можат да го добијат државјанството. Секако, анализата покажува каде се причините за неможноста граѓаните да го добијат државјанството. Во еден сектор се 530 случаи во друг 220 и во трет случај 130 граѓани. Со самото законско решение кое ќе ги исполни очекувањата на опозицијата веруваме ќе ги добијат државјанствата сите граѓани. Освен ако остане некој граѓанин што нема да исполни ниту еден од условите, што не верувам дека ќе се случи – рече Заев.

Според него, при тоа би се прифатиле услови кои би биле најниско можни што постојат во некоја држава во Европа и регионот.

– Останува Алијанса и Алтернатива да ги соопштат своите решенија и да се затвори ова прашање. Извесно е решението – рече Заев.