Светлана Кордумова-Трајанова, д-р Дарко Лазаров, д-р Андон Мајхошев, Тоше Митров, примариус д-р Ванчо Органџиски, Далибор Николовски – Дачо, Бобан Данов, Здружение на акцијаши-волонтери „Пат на младоста“ – Штип, Центар за балетска уметност „Арабеска“ и Јога друштво Штип – Центар за јога обука се добитниците на Осмоноемвриското признание на Општина Штип.
Претседателката на Советот на Општина Штип, Весна Кожинкова-Карагунова, на Свечената седница на Советот во Мултимедијалниот центар на Економскиот факултет им ги додели признанијата на десетте добитници.
По повод 8 Ноември, Денот на ослободувањето на градот Штип, свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој истакна дека на 8 Ноември, Штип се ослободува од последниот окупатор кој вршел терор на оваа територија.
– Тоа значи дека веќе 79 години живееме слободен живот, можеби со предизвици, меѓутоа секој од нас има загарантирана слобода, право на образование и доедукација, право на работа и заработка, право на културен, социјален, здравствен и спортски ангажман. Ние денес сме граѓани кои самостојно одлучуваат за својата иднина со личните постапки, вели Јорданов.
Тој истакна дека за само две години се уредени три опасни крстосници, со кои се зголемува безбедноста на трите најцрни точки во нашата општина.
– Изградивме нов мост, а веќе имаме постапка за изградба на уште еден, со кој ќе го финализираме проектот обиколница во Општина Штип. Најголемите булевари во Општина Штип тековно се одржуваат, а во вториот квартал од наредната година, ќе почнеме со изградба на булеварот „Партизанска“. Веќе работиме на изградба на домови за најранливите категории на граѓани, ќе понудиме сообраќајници, кои наликуваат на европските градови, а сето тоа само за граѓаните на Општина Штип, вели Јорданов.
Посочи дека активно се работи на најновиот проект „Смарт сити“, со што ќе почне да се врши 24 часовно следење на секоја промена или несоодветна активност во градот.
– Во периодов што измина асфалтиравме улици во секое населено место. Во населбите Железничка, Балканска, Чардаклија, Караорман, Автокоманда, Сењак, Дузлак, Кадидере, Баби, Три Чешми, селата Лакавица, Шашварлија,ги реконструиравме најфрекфентните улици, со што го подобривме животот на жителите. Централнотo градско подрачје веќе добива нов и модерен лик, со убав плоштад, широки сообраќајници, а тековно работиме на проекти за осветлување на коритото на река Отиња, уредување на вливот во река Бреганица, нови сообраќајни решенија и велосипедска патека во центарот на градот, вели Јорданов.
Градоначалникот во својот говор истакна дека оваа година, за прв пат после 25 години, Штип доби кино, веќе се гради првиот паркинг на ниво, а ќе добиеме уште два во најфрекфентните централни сообраќајни подрачја.
– Општина Штип за прв пат во модерната историја има јавен превоз, затоа што општината беше храбра и активно ги слушаше потребите на граѓаните. Општина Штип за прв пат изгради водоводна и канализациона мрежа токму во оние населби кои со години го бараа тоа од локалната самоуправа. Општина Штип за прв пат понуди целосна дигитализација на услугите, затоа што на прво место се граѓаните и нивните потреби, рече Јорданов.
Забележа дека оваа се револуционерни чекори, со кои Штип веќе навистина го заслужува епитетот центар на Источна Македонија.