Над 200 мали производители – изложувачи на храна и пијалаци и 40 здруженија учествуваат на првиот национален Саем за храна и пијалаци – Вкуси ја традицијата, што денеска во организација на Слоуфуд Македонија со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржува во Градскиот парк во Скопје.
-Ова е вистинската слика за тоа што значи оваа наша македонска земја – богатство на вкусови, мириси, бои и богатство за сите сетила. Затоа и манифестации како оваа посветени на македонското земјоделство и гастрономијата, кои ја имаат мојата и владината поддршка, се многу важни, рече премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на саемот.
Тој нагласи дека на нашата македонска трпеза се вкрстуваат вкусовите на многу цивилизации кои создале многу уникатни и колоритни превкусни комбинации кои се одамна дел од нашата традиција.
– Сето ова кое денес го гледаме и кое ќе имаме можност да го вкусиме, сето ова ние имаме неверојатна можност да ни е секојдневие, и за тоа, сме исклучително благодарни. Јас знам, дека јас сум благодарен. Ова богатство го нема никаде на друго место во светот, рече Ковачевски.
Во ова време-невреме во кое живееме, потенцира, веќе јасно согледавме – Домашното производство на храна е приоритет.
– Затоа и изминатиов период работевме напорно за да се осигураме дека ќе имаме доволно храна за сите и дека домашното производство на храна е поголемо и стабилно. Да произведуваме доволно за дома, но и за извоз, за да ја зајакнеме економијата, посочи премиерот и додаде дека е важно да ги мотивираме земјоделците да произведат повеќе храна.
Нагласи дека верува оти денешниот саем ќе прерасне во традиција.
– Вратите во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во Владата за вас се отворени, за сите сугестии, за сите предлози, заедно да ги дискутираме и да овозможуваме раст на земјоделското производството, им порача Ковачевски на изложувачите на саемот.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски рече дека денешниот саем е пред се, саем на македонските производи, на македонската храна и на македонската традиција.
-Би сакал преку денешниов саем – „Вкуси ја традицијата“, да ја испратам клучната порака, да ја почитуваме храната, да си ја чуваме традицијата наследена од нашите баби и дедовци, бидејќи таа е најголем доказ дека овде векувал народ кој со генерации ја пренесувал убавината и радоста на животот. Искрено посакувам, овој саем да има одржливост низ годините, да се развие во култен настан кој ќе ја слави македонската храна и традиција и да прерасне во долгогодишен проект, рече Николовски.
Нагласи дека годинава Министерството поддржа 50 различни манифестации и саеми дома и 15 надвор од државата.
Претседателот на Управниот одбор на Слоуфуд Македонија, Николче Николовски истакна дека храната има универзална моќ да спојува и да сплотува.
-Денешниов ден е историски ден за организациите и здруженијата кои работат во областа на земјоделството и производството на храна и за малите производители кои првпат, здружени заедно, ги презентираат автентичните вкусови на македонското земјоделство и гастрономија. Овој настан е почетна точка во здружените напори да се зачуваат традициите, бројните автентични производи и рецепти, како и руралните средини во кои произведуваат малите производители, рече Николовски.
Изрази надеж дека саемот ќе стане традиционален и дека со текот на годините ќе се зголеми бројот на изложувачи.