Работната група за канабис на третиот состанок што се одржа во Владата ги разгледа канадските искуства за медицинската и личната употреба на канабисот.
Од владината прес-служба соопштија дека на состанокот, доцна синоќа на покана на Здружението на производители на медицински канабис, присуствувала и Стефани Вилмот од Канада – консултант за правни прашања и добри производни практики, познати како GMP стандарди (Good Manufacturing Practice).
Вилмот ги споделил искуствата за начинот на кој во Канада е легализирана медицинската и личната употреба на канабисот.
– Беа објаснети повеќе аспекти кои ги опфаќаат прописите за здраво и безбедно одгледување на канабисот, за контрола на квалитетот во сите аспекти на производството, и тоа за неопходноста од научно истражување за примена на канабисот како лек за специфични болести, важноста на правилното инспекциско работење за да се обезбеди дека нелегалниот канабис не влегува во медицинскиот пазар и пазарот за лична употреба, вклучително и целосни контролни механизми за следење на одгледувањето и производството на канабис, заштитата на малолетници, и даночните придобивки од легализацијата на канабисот, информираа од Владата.
На состанокот биле разгледани и потребите и можностите за проширување на листата на дијагнози за кои канабисот може да се препише од доктор за медицинска употреба, за што во периодот што следува ќе бидат дефинирани конечните решенија.
Во рамки на работната група, како што информира владината прес-служба, се изработува и компаративна анализа на моделите во однос на статусот на употреба на канабисот во 10 различни земји од регионот, Европа и светот (Португалија, Холандија, Чешка, Шпанија, Канада, Колорадо (САД), Калифорнија (САД), Израел, Хрватска и Албанија).
На состанокот присуствувале претставници од министерствата за здравство, правда и за внатрешни работи, од Кабинетот на премиерот, Здружението на токсиколози, Психијатриската асоцијација, Факултетското студентско собрание при Фармацевтски факултет, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Коалицијата маргини, Здружението Операција Ослободување, Здружението за канабис и зелени политики Билка, НВО коалиција Канабис институт Пелагонија, Здружението на производителите на медицински канабис, Иновативната фармацевтска индустрија и од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ.