Откако минатата недела Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде наредба за забрана за пиење на водата од градскиот водовод во Гостивар бидејќи по направени лабораториски испитувања во неа било детектирано зголемено присуство на манган, сега Јавното претпријатие „Комуналец“ издаде известување дека водата е безбедна за конзумирање.

„Водата во град Гостивар е безбедна за консумирање. Според анализите од лабораторијата на Јавната здравствена установа – Скопје за бактериолошката и физичко-хемиската состојба на водата, потврдено е дека водата во нашиот град е безбедна за пиење“, се вели во соопштението од ЈП „Комуналец“ – Гостивар објавено на нивната фејсбук-страница.