Соединетите Американски Држави извршиле воздушни напади врз позиции на Исламска држава во Нигерија, откако Вашингтон со недели ја критикувал нигериската влада дека не успеала да го запре прогонството на христијаните во земјата.

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека станува збор за „моќни и смртоносни“ напади насочени кон огранокот на Исламска држава во северозападна Нигерија, за кои, како што наведе, наредбата била дадена директно од него како врховен командант.

„Вечерва, по моја наредба како врховен командант, САД започнаа моќен и смртоносен удар врз терористичкиот огранок на Исламска држава во северозападна Нигерија, која прогонува и брутално убива, првенствено, невини христијани, на нивоа невидени со години, ако не и со векови“, рече Трамп на платформата Truth Social.

Министерството за надворешни работи на Нигерија потврди дека нападите биле координирани меѓу двете држави. Од таму соопштија дека операцијата е резултат на заедничка соработка меѓу Вашингтон и Абуџа.

Претседателски советник во Нигерија изјави дека САД и Нигерија се „на иста страна во борбата против тероризмот“.

Воздушни напади врз Исламска држава