Три жени, меѓу кои и бремена, се повредени во напад со нож во Париз. Една од нив е во критична состојба, а осомничениот е уапсен на местото на настанот.

Три жени, меѓу кои и една бремена, беа избодени со нож денеска околу 11:30 часот во близина на Порт де Клиши во Париз.

Француската полиција соопшти дека повредените жени веднаш биле згрижени од екипи на Итната медицинска помош и пренесени во болница. Една од жртвите се наоѓа во критична состојба.

Осомничениот, 31-годишен маж за кого се претпоставува дека има психички нарушувања, бил уапсен на местото на нападот по интервенција на полицијата. Според локалните медиуми, кај него биле пронајдени два ножа.

На снимките што се појавија на социјалните мрежи се гледа како мажот мавта со два ножа во тој дел од градот, пред случајни минувачи да го совладаат и да го соборат на земја.

На едно особено вознемирувачко видео се гледа како напаѓачот се нафрла врз една жена додека во раката држи нож.

Министерот за внатрешни работи на Франција, Лоран Нуњез, изјави дека осомничениот давал „неповрзани и неразбирливи изјави“, предупредувајќи дека е прерано да се извлекуваат заклучоци за неговите мотиви.

– Тој човек рече: „Алах ме испрати да убивам жени“. Но, не, тој е психички болен – изјавил извор близок до истрагата за францускиот весник „Ле Паризиен“.

Извор: Плусинфо