Иран уште од почетокот на руската инвазија ја поддржува Москва со испорака на дронови „Шахед“ и технологија за нивно производство, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој оцени дека на тој начин Техеран директно учествувал во нападите врз Украина и нагласи дека земјата веќе ја почувствувала последицата од таа поддршка.

Во интервју за британскиот канал Скај њуз, Зеленски изјави дека Иран уште во првата година од војната, во 2022 година, почнал да ја снабдува Русија со технологии, вклучително и илјадници дронови „Шахед“, а подоцна издал и лиценци за нивно производство.

– Дали нè нападнаа? Мислам дека да. Значи, веќе го направиле тоа – изјави Зеленски, кој денеска престојува во посета на Велика Британија.

Украинскиот претседател додаде дека Иран и Северна Кореја ја поддржувале Москва уште од почетокот на инвазијата, без каква било претходна провокација од страна на Украина.

Според него, Северна Кореја ѝ испорачала на Русија дронови, ракети, артилериски гранати од 155 милиметри, како и 10.000 војници.

И покрај тоа, Зеленски повика да се избегнат какви било избрзани одлуки што би можеле да доведат до отворање нов фронт, истакнувајќи дека Киев мора да биде подготвен за можно интензивирање на нападите.

Во меѓувреме, шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, вчера го обвини Зеленски дека е одговорен за нападот врз ирански трговски брод, во кој загина еден морнар.

Арагчи предупреди дека таа акција „не смее да остане без одговор“, истовремено отфрлајќи ги украинските обвинувања против Техеран.