Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада Димитар Ковачевски од средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков очекува враќање на довербата низ дијалог.
– Јас сметам дека нивото на односи меѓу две соседни држави кои имаат предизвик меѓу себе треба да биде на многу повисоко ниво. Прво треба да отвориме разговор бидејќи она што треба да го направиме е враќање на довербата низ дијалог. Јас се уште стојам на ставот, а впрочем тоа е и ставот на премиерот Петков, дека разговорот треба да се води на теми кои гледаат кон иднината односно во делот на економската соработка, соработка во делот на иновации, инфраструктура, културна, во делот на помошта на евроинтегративниот процес на државата, рече вечерва Ковачевски во Топ Тема.
Тој вели дека добра порака е што бугарскиот премиер Петков својата прва посета ја најави и ќе ја направи на нашата држава. За минатото, додаде, секако постои историска комисија која продолжува со својата работа.
– Резолуцијата на Собранието која е изгласана ќе биде почитувана од Владата, но сметам дека низ еден дијалог и враќање на довербата и формирање на работни групи кои ќе работат и почесто во еден месец ќе се состануваат ќе разговараат за инфраструктурно, економско, културно поврзување на двете држави, ќе ги релаксираат односите. Доколку зборуваме на позитивни теми и теми коишто не зближуваат ќе нема место за пропагандисти кои шират негативна енеергија меѓшу граѓаните, тоа се потврди и кога се решаваше прашањето со Грција. После решавањето на прашањето имаме веќе односи каде зборуваме за екоонмска соработка, посочи Ковачевски.
Договорот, додаде, треба да биде базиран на европски вредности со задржување на достоинството на двете држави и на граѓаните.
Ковачевски, коментирајќи ги обвинувањата од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров за државната политика кон Бугарија, смета дека станува збор за изразено лично незадоволство поради завршување на неговото учество во Владата.
Тоа што го кажува Димитров воопшто не е точно, зашто тој лично бил дел од градењето на истите тие позиции, вели Ковачевски.
Тој образложи и зошто решил на местото на Димитров да дојде досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ.
– Не би сакал да судам за мандатни писма коишто ги дал друг премиер, меѓутоа сметам дека оперативно според извештајот на СИГМА што е правен за реализацијата на задачите дека таа работа можела да биде и требало да биде извршена на повисоко ниво. Правејќи ја анализата за композицијата на Владата ги гледав и анализите за реализацијата на минстерствата во однос на плановите и во однос на остварувањата. Сепак сметам дека во Секторот за европски прашања главниот фокус треба да биде на подготовката на реформските закони, на коориднација на другите ресори во однос на подготовката на реформи, во однос на преведување и во однос на хармонизацијата на законските реглативи и сметам дека господинот Бојан Маричиќ кој има доволно искуство и академско и професионално во делот на европските интеграции дека оперативно многу подобро ќе одговори на таа функција, рече Ковачевски.
Во однос на критиките дека не е експерт за надворешна политика, Ковачевски вели дека не постои универзален експерт за сите прашања.
– Мандатар и премиер е тој кој треба да координира со ресорите, да управува со ресорите и како што постои МНР, како што постои сектор СЕП, така постои и МЗ, МФ итн., рече Ковачевски.