Врховниот суд на Белорусија вчера ја потврди казната од 15 години затвор за поранешната претседателска кандидатка Светлана Тихановскаја, која не е во земјата.
Судот во Минск на 6 март ги осуди лидерите на белоруската опозиција Тихановскаја и Павел Латушко, кои се надвор од Белорусија, на 15, односно 18 години затвор, по што Тихановскаја поднесе жалба на пресудата.
Шефицата на кабинетот на Тихановскаја, Марија Мороз, опозиционерите кои учествуваа во Координативниот совет на белоруската опозиција, Олга Ковалкова и Сергеј Дилевски, кои исто така се во странство, осудени се на 12 години затвор.
Тие се обвинети за заговор за преземање на државната власт на неуставен начин, создавање екстремистичка група и нејзино раководење, јавно повикувајќи на санкции и предизвикување омраза.
Тихановскаја дополнително беше обвинета за предавство, а Латушко за корупција.
По претседателските избори во Белорусија на 9 август 2020 година, на кои Александар Лукашенко победи по шестипат, во земјата се одржаа масовни протести. По протестите против неколку опозициски лидери беа поведени кривични постапки, а голем број претставници на опозицијата засолниште пронајдоа во странство, главно во Полска, Литванија и Украина.