Кошаркарите на Пелистер ја забележаа својата втора победа во новата сезона од македонската Суперлига. Во исклучително ефикасен натпревар, битолскиот состав славеше над актуелниот вицешампион Скопје со конечен резултат 101-94.

Најефикасен поединец во редовите на Пелистер беше Кочовиќ, кој пристигна во Битола пред само десетина дена. Тој повторно покажа одлична шутерска форма и го заврши мечот со 31 постигнат поен.

Кај екипата на Скопје доминираше центарот Паркер, кој запиша импресивен дабл-дабл учинок од 25 поени и 11 скокови, но тоа не беше доволно неговиот тим да го избегне поразот.

Во вториот натпревар од колото, екипата на Кожув стигна до триумф на домашен терен во Гевгелија против Тиквеш со резултат 90-81. Со оваа победа составот предводен од тренерот Миодраг Тодоровиќ ја забележа третата победа во четвртиот одигран меч оваа сезона.

Прв стрелец на средбата во Гевгелија беше Армстронг со 24 поени, додека Бојчев додаде 20 поени за победничкиот тим на Кожув. Голем придонес во победата имаше и младиот Кузманов со забележани 10 поени, две асистенции и три украдени топки. Кај гостите од Кавадарци, најефикасни беа Смит со 23 поени и Сјукс со 15 реализации.