Покраинскиот суд во Хамбург донесе привремена мерка со која на германскиот неделник „Дер Шпигел“ му се забранува да објавува и шири тврдења што го поврзуваат српскиот претседател Александар Вучиќ со наводна вмешаност во случајот „Сараево Сафари“.

Од Судот во петокот соопштија дека мерката се однесува на наводите со кои се создава сомневање дека Вучиќ бил вмешан во активности поврзани со таканареченото „сафари“ за време на опсадата на Сараево.

„Привремената мерка му забранува на списанието „Дер Шпигел“: понатамошно објавување и ширење на наводи што предизвикуваат сомневања дека претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, наводно бил вмешан во „сафари“ за време на опсадата на Сараево“, се вели во соопштението.

Судот наведува дека при разгледувањето на случајот било утврдено оти не се исполнети основните законски стандарди потребни за објавување на вакви сериозни обвинувања. Посебно е посочено прашањето за внимателна проверка на фактите, како и правото на соодветно објаснување пред објавување на содржината.

„На странката против кого е поднесено барањето му е издадена привремена мерка со која му се забранува да изнесува или шири тврдења… што би можеле да предизвикаат сомневање дека подносителот на барањето, како дел од опсадата на Сараево од 1992 до 1995 година, учествувал во целно убивање цивили од странски туристи, како што е наведено во статијата „Богати Европејци кои патувале во Сараево за да ловат луѓе“, се вели во соопштението за медиумите на Регионалниот суд во Хамбург.

Во одлуката, која е донесена на 18 мај, се цитира текст објавен во печатеното издание на „Дер Шпигел“ од 17 март 2026 година. Согласно привремената мерка, неделникот нема право повторно да ја објавува таа статија сè до понатамошно известување.