Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека за три до четири месеци ќе поднесе оставка на функцијата, по што, како што рече, ќе следуваат вонредни парламентарни избори.

Во интервју за Радио Белград, Вучиќ изјави дека веќе почнал да ги пакува книгите од претседателскиот кабинет и дека дел од нив ќе ги донира на институција која допрва ќе ја избере.

„Почнав да ги пакувам книгите од претседателството. Ќе донирам 1.200 што ги добив за време на мојот мандат“, рече Вучиќ.

Тој појасни дека нема да зборува за скратување на мандатот, туку за оставка. Според него, изборите ќе се одржат за неколку месеци, но нема да бидат во јули или август.

„Избори ќе има за неколку месеци. Дали ќе бидат за три или четири, тоа е техничко прашање. Нема да има избори во јули или август“, рече српскиот претседател.

Вучиќ најави дека на 27 јуни во Белград ќе биде претставена листата на Српската напредна странка за претстојните избори. Според него, тогаш ќе бидат претставени и програмата и новото име на изборната листа на СНС.

Тој откри дека секојдневно размислува за можноста самиот да се кандидира за премиер. Воедно најави дека идниот кандидат за претседател на Владата ќе биде „поодговорен, пообразован и поенергичен“.

„Тој сигурно ќе биде пообразован од нивните двајца кандидати, Владан Ѓокиќ и Дејан Бодирога“, рече Вучиќ.

Српскиот лидер додаде дека на собирот на 27 јуни се планирани и активности за најмладите посетители.