Илјадници граѓани вчера излегоа на улиците на Тирана, барајќи оставка од албанскиот премиер Еди Рама. Протестите прераснаа во пошироко антисистемско движење, а учесниците ги обвинија и власта и опозицијата дека не успеваат да одговорат на политичките и економските предизвици во земјата, пренесе Слободен печат.

Демонстрантите маршираа кон парламентот

Граѓаните најпрво се собраа на плоштадот „Скендербег“, а потоа се упатија кон зградата на албанскиот парламент. За време на маршот скандираа „Рама во затвор, Бериша во затвор“, упатувајќи критики и кон поранешниот премиер и актуелен лидер на Демократската партија, Сали Бериша.

Протестното движење започна како реакција на планираниот туристички развој во областа Пише Поро и на островот Сазан, а во средата влезе во десеттиот последователен ден. Собирот, кој организаторите го опишаа како национален протест, се совпадна со годишнината од основањето на Призренската лига.

Пет клучни барања до албанската влада

Учесниците поставија пет барања: оставка на владата, укинување на законите и посебните статуси за стратешките инвеститори, повлекување на „Планот за планините“, поништување на измените на Законот за заштитени подрачја и укинување на измените на Законот за културно наследство.

Движењето првично беше поттикнато од загриженоста за инвестициски проект поврзан со компанија блиска до Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот предвидува крајбрежен развој во областа на лагуната Нарта и изградба на помал ресорт на островот Сазан.

Европската комисија побара итни мерки

Европската комисија ги повика албанските власти да преземат мерки за да не биде загрозен процесот на пристапување во Европската Унија, кој подразбира усогласување со европските еколошки правила.

Премиерот Рама претходно оцени дека противењето на проектот било поттикнато од ботови, антисемитски наративи и непријателски надворешни влијанија. Организаторите, пак, најавија продолжување на протестите, нагласувајќи дека нивните барања остануваат непроменети.