Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека жали за зборовите упатени кон демонстрантите и студентите и повика на општествен дијалог по 1 ноември.
Во обраќањето потсети на трагедијата пред една година во Нови Сад, кога при пад на бетонска настрешница на железничката станица загинаа 16 лица, наведувајќи ги нивните имиња. „Секој од нив, еден живот… нашето општество и нашата земја, која оттогаш е потресена“, рече тој, најавувајќи дека на 1 ноември ќе посети црква, ќе се помоли и ќе запали свеќа.
Вучиќ порача дека тагувањето и собирите се прифатливи ако се одвиваат мирно и легално. Призна дека „во некои моменти кажал работи за кои жали“ и се извини „на студентите, демонстрантите и луѓето со кои не се согласувал“, додавајќи дека ќе се осврне на сопствените грешки и изговорени зборови.
Тој истакна дека разбира гнев поради неидентификувани виновници за настанот и нагласи важност да се спречат слични трагедии. Притоа осуди случаи на „скандалозен гнев, клевети, кршење правила, насилство и уништување туѓ имот“, оценувајќи дека тоа ја разорува „нишката на општеството и вредностите што нè поврзуваат“.
„Целата оваа омраза што врие во нашето општество не носи ништо добро, само води кон поголемо уништување“, рече Вучиќ, повикувајќи 1 ноември да помине „со повеќе тишина отколку бучава“. Побара „вистина поткрепена со докази“ и апелираше денот да не се користи за политичка корист, туку за дијалог.
Според него, Србија во следните недели и месеци ќе се соочи со големи предизвици што не се поврзани со протестите. Утре во Нови Сад, на годишнината од несреќата, е најавен масовен студентски и граѓански собир; студенти од цела Србија со денови пеш маршираат кон градот.
