Премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите, меѓу другото, ја коментираше и посетата со камера на српскиот претседател Александар Вучиќ во болницата каде се лекуваат дел од повредените во кочанската трагедија, пишува Алсат.

Мицкоски рече дека и денеска и вчера ги посетил пациентите притоа почитувајќи ги сите протоколи што ги бара медицинскиот персонал.

„И во текот на вчерашниот и во текот на денешниот ден нема да видите лице, ниту да слушнете и прочитате име на пациент што јас сум го посетил. Ќе ги видите сите фотографии, ќе видите како јас сум влегол. Да, има и такви што влегуваа со камери и слично, но како што видовте и вчера и денеска, јас никаде не влегов со камери и немам намера да правам пиар од сето ова. Фотографиите се во тил, нема ниту едно лице, многу внимателно ги избиравме фотографиите за да нема ниедно лице. Не го правам тоа поради пиар, туку го правам за да излезам пред вас за да не се кријам и за да зборувам отворено за сето она со кое се соочуваме. Ако е тоа проблем, подготвен сум да сносам одговорност. Мојата задача е преку медиумите да се обратам со пораки до граѓаните и тие пораки се важни за граѓаните, тоа е мојата цел“, одговори Мицкоски.

Бројни реакции кај дел од српските медиуми, но и од голем број српски граѓани, следуваа по вчерашната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на наши пациенти кои се лекуваат во Белград, од кои тој објави фотографии на социјалните медиуми.

(ФОТО) Помош или сопствена промоција: Дали Вучиќ сака да направи дефокус од големите протести во Србија?

Појавувањето со камери на српскиот претседател Александар Вучиќ меѓу изгорените пациенти предизвика жестоки реакции кај српската и македонската јавност. До редакцијата на Радио Лидер пристигна сведоштво дека роднините на блиските не биле пуштени да влезат во критичниот оддел каде се сместени пациентите, но затоа пак бил пуштен Александар Вучиќ со новинари? Дали Вучиќ претера со големиот маркетинг кој го направи со оваа „помош“? Дали целта е дефокус на српската јавност од тамошните протести?