Српскиот претседател Александар Вучиќ утре на пладне ќе распише предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат на 25 октомври. Вучиќ вечерва потврди дека ќе биде носител на изборната листа на владејачката Српска напредна партија (СНС), а порача и дека ќе го прифати секој демократски резултат од гласањето.
Во гостување во вечерниот Дневник на државната телевизија РТС, Вучиќ изјави дека изборите ќе бидат распишани утре во 12 часот.
Тој истакна дека подготвен е да го прифати исходот од изборите без оглед на резултатот.
„Со радост ќе го прифатам секој демократски резултат“,
изјави Вучиќ.
Српскиот претседател се осврна и на реакциите во регионот и Европа по вчерашниот погреб на Ратко Младиќ во Белград. Тој ги оцени реакциите како „хистерични, но не и изненадувачки“.
„Кога носите одлука да протерате нечии дипломати, мора да размислите дали некој друг ќе ги протера вашите дипломати. Нема да брзаме и не сакаме да влегуваме во матрицата на хистерични реакции“, рече Вучиќ.
Тој се осврна на најавата на министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, дека Сараево во следните 48 часа ќе протера двајца дипломати од Амбасадата на Србија во БиХ поради начинот на кој бил организиран погребот на Младиќ, со, како што беше наведено, „државни и воени почести“.
„Навистина сум загрижен од фактот дека погребот беше алиби за многумина во регионот да покажат колку ја мразат Србија. Главната цел на нападот беше Србија“, рече Вучиќ.
Вучиќ ги коментираше и реакциите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во врска со погребот на Младиќ.
„Тие отсекогаш биле пријатели на Србија и јас ќе го почитувам она што го кажуваат. Нивните изјави, во кои се наведува величење на херои, не се точен поглед на работите“, рече Вучиќ.
Фон дер Лајен и Кошта претходно оценија дека присуството на одредени високи српски функционери на погребот на Младиќ е жално и спротивно на вредностите врз кои се темели патот на Србија кон Европската Унија.
Претходно, европската комесарка за проширување Марта Кос ја откажа планираната посета на Белград поради глорификацијата на Младиќ.
