Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа имаше обраќање до српската јавност во кое зборуваше главно за ситуацијата со Косово планот за нормализирање на односите со Приштина направен од Франција и Германија.

Тој истакна дека во петокот тој план станал фактичка преговарачка рамка за влез на Србија во ЕУ. Истакна дека американските дипломати и претставниците на ЕУ го предупредиле дека ако го одбие планот Србија ќе се соочи со прекин на евроинтеграциите, укинување на безвизниот режим со земјите од ЕУ, прекинување и повлекување на инвестициите и веројатно санкции кои ќе ѝ нанесат голема штета на Србија.

На крајот на прес-конференцијата, меѓутоа, Вучиќ имаше и добри вести. Кажа дека во Србија е откриено ново наоѓалиште на злато, поголемо од првото.

„На крајот имам добра вест за сите луѓе. Објавивме дека се најдени 500 тони залто во Жагубица. Најдовме на уште едно место во Србија многу повеќе злато отколку во Жагубица. Сè уште не го кажувам местото. Сите ќе се упатат натаму. Најдовме, според првите прелиминарни извештаи, наоѓалиште кое е едно од првите 100 во целиот свет, а може и подобро од тоа“, кажа српскиот претседател.

Тој потоа се сврте кон литиумот.

„Кога би имале барем разум да го користиме литиумот, а да не си пукаме самите во нога. Но, ние треба да работиме, на сите да ни биде подобро. Ќе биде тешко, особено во следните месеци, но Србија преживеала и победила и во многу потешки услови“, заклучи Вучиќ.