Специјалниот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле истакна дека САД целосно го поддржуваат предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, како што е формирањето на Заедницата на српските општини.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека очекува тешка средба во рамките на дијалогот Белград-Приштина утре во Брисел, но дека Србија е посветена на мирот и стабилноста во регионот и дека во тој контекст е подготвен да работи на концептот и имплементацијата на предложениот план со јасно дефинирани ограничувања.
Тој го изјави ова за време на телефонскиот разговор со специјалниот советник во американскиот Стејт департмент, кој му порача дека очекува утрешната средба да биде конструктивна, со видлив напредок кон договорот.
Американскиот дипломат посочи дека САД целосно го поддржуваат предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и дека треба да се применат договорите потпишани претходно во процесот на дијалогот, што подразбира и формирање на Заедница на српски општини.
Вучиќ и Шоле разговарале и за европската иднина на Србија, која САД ја поддржуваат, како и за значајните можности за развој на српско-американската соработка на различни полиња, особено на економската, се наведува во соопштението.