Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој е на Светскиот економски форум во Давос, на својот Инстаграм профил напиша дека имал тешка дискусија за иднината на Западен Балкан со европските и регионалните лидери, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ учествуваше на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, која беше затворена за јавноста.
На маргините на Светскиот економски форум во Давос, Вучиќ денеска разговараше и со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, и како што кажа за ТВ Пинк, „го поканил премиерот Дритан Абазовиќ да присуствува на вечерата Отворен Балкан во Охрид во наредните денови“.
Тој кажа и дека Србија ќе земе заем од САД за „разни“ енергетски проекти.
-Разговарав со американскиот шеф на Експорт-импорт банката г-ѓа Луис за голем заем во иднина што треба да го земеме за енергетски проекти, прво соларни проекти, а подоцна и за хидропроекти, изјави Вучиќ за ТВ Пинк во Давос.
Срспкиот претседател потврди дека имал многу кратка средба со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Одговарајќи на прашања за текстовите во хрватските медиуми по првото обвинение подигнато во Србија за воени злосторства во Хрватска, во кои се вели дека Вучиќ е „мал Путин“ и дека Србија никогаш нема да влезе во Европската унија, Вучиќ одговори дека нема да се откаже од „барањето правда за српските жртви“.
-Хрватите мислат дека имаат право да ви одредуваат што треба да правите, а ако не сте како поранешната власт која лазеше пред нив, штом некој каже дека ги почитува нивните жртви, но ние имаме убиени деца и нема да се откажете од правдата, тогаш станувате најголемиот злосторник, рече Вучиќ.
Тој додаде дека „како што Хрватска ќе им забрани на Финска и Шведска да влезат во НАТО, така ќе биде и на Србија за влез во ЕУ“.
Вучиќ повтори дека Јасеновац е „најголемото место на страдање на Србите во Втората светска војна“ и додаде дека „е во состојба да зборува за жртвите за кои Србите се виновни“, а другата страна не е во состојба да го стори тоа.