Тестирани се вкупно 45.401 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, a регистрирани сe 11.123 нови позитивни случаи.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (50,6%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Крушево и во Битола.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст 30-39г (n=2.643, 23,8%) и 20-29г (n=2.153, 19,4%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9г (n=205; 1,8%).

Со статус „оздравени“ се стекнале 5.403 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.247 реинфекции, со зголемување од 31,8% во однос на претходната недела.

Пријавени се 55 смртни случаи во 15 градови во текот на изминатата недела, за 34,1% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (22). Во однос на возраста, најголем број (87,3%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.

Според извештаите од болниците моментално се хоспитализирани 439 лица, а од нив 251 се на кислородна поддршка и 26 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

Во однос на симптоми пријавени кај заболените, најчесто се регистрирани температура (59,3%), кашлица (44,8%) и малаксаност (43,5%).