Државната компанија за производство на струја АД ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ склучи спогодба и договор во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас со Марковски Компани, во вредност од 1,5 милијарди денари или скоро 19 милиони евра, покажува документацијата од надлежните институции што ја обезбеди Фокус.
Според официјални податоци, се работи за склучување на рамковна спогодба со еден економски оператор за период од 12 месеци, која се однесува за „проширување на изработка на усек за раздвојување во ПК ПЈС“, врз основа на која, пак, потоа е склучен и договор меѓу АД ЕСМ и Марковски Компани.
Претходно, државните електрани побарале и добиле позитивно мислење од Бирото за јавни набавки за да спроведат постапка по пат на директни преговори, бидејќи, како што стои во одлуката, поради крајна итност и непредвидени работи не можат да се запазат роковите предвидени во таканаречената отворена постапка со објавување на оглас.
Но, во самото мислење од БЈН се наведува дека тоа се однесува исклучиво за постапката за преговарање согласно настаната ситуација за договорниот орган и, како што се нагласува, не се однесува на избор на конкретен економски оператор.
Од објавените информации произлегува дека договорниот орган на преговори повикал вкупно 4 компании, односно избраниот економски оператор „победил“ во конкуренција на 3 други фирми, меѓутоа не е наведено за кои компании станува збор.
Инаку , државната компанија за производство на струја информираше дека, како дел од мерките за намалување на трошоците, ќе испрати работници на принуден одмор во период од максимум 3 месеци, кога ќе добиваат 70 отсто од платата.
Во однос на тоа реагираше опозицијата, истакнувајќи дека дома се праќаат луѓе кои, според нив, се партиски неподобни, поради што ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од директорот Васко Ковачевски.
Целиот текст може да го прочитате ТУКА