Претседателот Стево Пендаровски вчера порача дека земјава мора да има некаква гаранција од Софија или од Брисел дека прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот на земјата ќе биде последното барање на Софија за отстранување на бугарското вето за старт на преговорите на земјава со ЕУ, додека премиерот Димитар Ковачевски истакна дека договор со Бугарија е можен единствено кога ќе има сеопфатно решение што ќе ги затвори сите отворени прашања. Во исто, време Стејт департментот порача дека е време Северна Македонија заедно со Албанија да ги почне пристапните преговори со Унијата.
Шефот на државата Пендаровски во интервју за Канал 5 истакна дека доколку Бугарија се обврзе дека нема да бара ништо дополнително за деблокада на нашиот европски пат, тогаш ќе се добијат двојни гаранции, иако според него, до овој момент нема таков позитивен сигнал од бугарска страна.
– Ако вие ми кажете, ние сакаме да бидат гарантирани правата на Бугарите кои живеат во Република Северна Македонија, јас немам проблем со тоа, меѓутоа на кој начин мислите? Бугарската страна смета дека тоа треба да се направи на самиот почеток – ќе го смените Уставот ќе ги ставите внатре и тоа ќе биде за нас најголема гаранција дека вие сте сериозни во почитувањата на правата на Бугарите кои живеат кај вас. Јас мислам дека тоа е еден тип на уцена – ако ти го промениш Уставот до тој и тој датум, тогаш јас се обврзувам дека нема да барам ништо плус од ова во однос на ова прашање, нагласи Пендаровски.
Тој додаде дека власта и опозицијата имаат идентична позиција во однос на тоа прашање, оценувајќи дека ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оти партијата нема да поддржи промена на Уставот за внесување на Бугарите во него, доколку не се добие гаранција од Софија дека нема да има нови условување, е сосема коректен.
– Го зборувам тоа со месеци. Не е проблем да ги внесеме и Хрватите, Црногорците, сме ставале и други народи, ќе ги ставиме и Бугарите, но која е гаранцијата. Срамота е секој понеделник да го отвораме Уставот. Тој е сувереноста, белегот на една држава, изјави претседателот Пендаровски, додавајќи дека ако Софија е сериозна тогаш нека потврди дека ова ќе биде последно барање и дека ако го исполниме нема да постави друго.
Пендаровски посочи дека ако не добиеме датум за преговори во јуни, после тоа многу тешко ќе може да се убедат граѓаните дека треба да продолжат со истиот ентузијазам и понатаму да го правиме истото на евроинтеграцискиот пат, оценувајќи дека шансите за кревање на бугарското вето до јуни се помалку од 50 проценти.
– Тоа е пред се поради однесувањето на другата страна. (Бугарскиот премиер Кирил) Петков направи неколку работи и ја подели целата билатералата на пет теми и историјата беше само една од темите. Тој сето тоа го направи на убав начин и разговаравме за повеќе теми. Шансите одат надолу затоа што за жал бугарската страна во последниот месец дена сака на голема врата да ја врати историјата. Не мислам на Петков, туку на други фактори во и надвор бугарската Влада, рече Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, синоќа во интервју за „Клик плус“ на ТВ21 порача дека не може да се разговара за парцијални барања од двете страни и дека договор со Бугарија е можен единствено кога ќе има сеопфатно решение што ќе ги затвори сите отворени прашања и ќе значи безусловно кревање на ветото за почнување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ.
Тој додаде дека политичките прашања со Бугарија се разговараат меѓу експертите од министерствата за надворешни работи, кои разменуваат идеи и одржуваат состаноци, но дека во моментов не постои документ прифатлив за двете страни.
– Финален документ, прифатлив за двете страни во моментов нема. Кога таков документ ќе е достапен, тој ќе биде споделен со институциите и во нашата држава и во Бугарија, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека решението со Бугарија треба да биде базирано на задржување на достоинството на двата народа во двете држави, бидејќи само така ќе се дојде до решение, порачувајќи дека никој нема право да ја нарушува гордоста на граѓаните на двете држави, додавајќи дека македонскиот Устав не е книга која кога сакаме ја отвораме или затвораме.
Ковачевски повтори и дека за македонскиот јазик и идентитет воопшто не сака да разговара.
– Идентитетот и јазикот воопшто не се предмет на разговор. Тоа не е предмет на разговор, ниту сум разговарал, ниту ќе разговарам за идентитет и јазик на македонскиот народ. Тоа е нешто што е наше, нешто што сме го имале, што го имаме и што ќе го имаме во иднина и тоа е тоа што нас не идентификува како народ, порача Ковачевски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за грчкиот весник „Та неа“ порача дека членството во ЕУ е важно не само за земјава, туку и за целиот регион, истакнувајќи дека Европската Унија треба да ги прифати Албанија и Северна Македонија како дел од нејзината стратегија, а не како одговор на никаква политика бидејќи регионот припаѓа во ЕУ.
Евроинтеграцијата на земјава беше тема и на обраќањето на Спасовски на вчерашниот Регионален состанок на директори на полициските служби од Западен Балкан во Скопје, порачувајќи дека интегрирањето на Северна Македонија, но и на државите од Западниот Балкан во Европската Унија, не се само гаранција за стабилност и просперитет на регионот, туку многу повеќе.
Тој истакна дека Северна Македонија е рамноправна членка на НАТО и останува и натаму максимално посветена на европската интеграција и покрај долгото отсуство на датум за старт на преговори за членство во ЕУ.
И министерот за економија Крешник Бектеши вчера од министерскиот состанок за регионална соработка за енергетска безбедност, диверзификација и зелена транзиција во Софија порача дека историските прашања треба да се тргнат на страна и да се носат решенија во интерес на сите.
– Регионот произведува многу историски прашања и во овие тешки времиња неопходно е да се тргне историјата настрана. Ве повикувам сите на солидарност заеднички да изнајдеме решенија кои ќе бидат во интерес на сите земји, посочи Бектеши.
Во контекст на потреба од побрза интеграција на земјава, портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс порача дека САД продолжуваат со охрабрување Софија и Скопје на билатерална основа брзо да ги решат меѓусебните спорови, истакнувајќи дека е време Северна Македонија и Албанија да ги започнат пристапните преговори со ЕУ,
– Сметаме дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Процесот на проширување промовира долготраен мир, стабилност и просперитет низ целиот регион, изјави тој.
Укажувајќи дека САД одамна се голем поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, Прајс истакна дека и американскиот државен секретар Ентони Блинкен и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриен минатата недела во телефонски разговор укажале на потребата од забрзување на процесот.
Тој додаде дека одлуката на ЕУ од март 2020 да се отворат преговорите за членство за Северна Македонија и Албанија САД ја сметаат за позитивен чекор.
– Двете земји ги сработија основните задачи и сметаме дека време е да продолжат заедно во следната фаза од долгиот и полн со предизвици процес на пристапување, повика Прајс, додавајќи дека историскиот Договор од Преспа покажала оти земјите од Западен Балкан се способни да завршат тешки работи, да дојдат до компромиси и тешки одлуки и дека САД се убедени оти Бугарија и Северна Македонија ќе го сторат истото со преговорите на нивните билатерални спорови.