Бугарија има уставна можност да носи одлуки и за време на техничка влада, рече вчера премиерот Зоран Заев изразувајќи надеж дека во следниот период претставниците на техничката влада во Софија ќе донесат одлука за повлекување на блокадата за одржување на првата меѓувладина конференција.

-Очекувањата треба да бидат приземни. Бугарија има техничка влада, но сето ова не е невозможно. Ако не се договориме дај да направиме се што можеме политичката влада заедно со нашата влада да донесе решение. Шеснаесет и пол години чекаме, прво меѓувладина конференција, двата месеци не менуваат ништо, важно е дали навистина ги правиме вистинските чекори и знаете договор бива кога двете страни се спокојни и се секако надежни дека тоа е тоа што ни требаше како обврзување на двете страни дека подобро ќе им служиме на граѓаните во ваквиот случај, рече Заев.

Во врска со патоказот, нагласи дека планот вчера е споделен на увид меѓу сите стручни служби внатре во МНР, но не откри детали дали и колку бугарските позиции од декларацијата на бугарскиот парламент се инкорпорирани во документот.

Според министерот за надворешни работи Бујар Османи , јуни, а потоа и декември се можни датуми за одржување на првата меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија, затоа што, вели, во септември ќе бидеме повторно во кампања за локалните избори.

-Во анализите, јуни ми изгледа како подобра можност, но за жал, тоа што се случи во Бугарија да нема влада го искомпликува тој прозорец на можности, потенцира министерот.

Истакнува дека засега на маса е портулагскиот предлог кој ние го оценивме како добра основа заедно со европските пријатели, но не и Буагрија. Смета дека тоа е предлог кој ги адресира сензитивностите на сите три страни.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак се закани со протести доколку Заев ги прифати бугарските уцени кои според него содржат скандалозни прилагодувања на македонската историја.

– Бучковски во Софија, а Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори каде се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот Парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскоит јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија, наведува Мицковски во статусот.

Според Мицковски, со ова директно земјава е ставена во позиција да преговара за македонскиот јазик и идентитет што е еднакво на предавство на македонскиот народ.

– Моите информации говорат дека сето ова, дуото Заев-Бучковски планира да биде потпишано од нив, без да има расправа и усвојување на документот во Собранието на Македонија. Ако Заев го прифати ова, тоа значи дека нѐ става во позиција да го негираме македонскиот иденитет и да прифатиме дека како народ постоиме од 1945 година, што е неболуза и срам за сите нас и за нашите предци и поколенија. Не смееме да дозволиме овие двајца политички измамници да ја понижат жртвата на нашите предци и да ја загрозат иднината на нашите потомци. Затоа треба да бидеме подготвени за одбрана на македонскиот идентитет како составен дел од европските вредности, и да не дозволиме. Да бидеме подготвени за блокади и масовни протести. Нема преминување на црвените линии, вели Мицковски.

Во однос на португалскиот предлог, Мицковски со став дека „само политички аматер гради дебата околу предлог кој бил одбиен од бугарска страна“.

Португалскиот предлог чија цел е Скопје и Тирана да ги почнат преговорите за време на португалското претседателство со ЕУ, на 21 мај беше претставен во Софија и во Скопје од министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, кој беше придружуван од еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.