Сепак, ова не значи дека македонските државјани можат авионски да патуваат во Грција, бидејќи забраната за влез на државјани на трети земји е продолжена до 5 април 2021 година, како што вчера објави МИА.
Во министерската одлука што во саботата вечер беше објавена во Службен весник на Грција, а стапи во сила во 6 часот утрово, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија“, а истите упатства ги објавува и Агенцијата за цивилно воздухопловство.
-Упатствата (notam) предвидуваат забрана за влез на државјани на трети земји, освен земјите на Европската унија и Шенген зоната. Од авио упатствата исклучок се државјаните на следните осум земји: Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд, Обединети Арапски Емирати, Руската Федерација и Израел. Во конкретното упатство, за разлика од претходното, Руанда и Сингапур се отстранети од листата земји за кои има исклучок, соопштуваат од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција.
Скопје и Атина, независно од денешната одлука, од средината на февруари одново се поврзаа откако грчката авиокомпанија „Ејџиан ерлајнс“ ги обнови летовите, но само за оние патници за кои постојат исклучоци.
Денешната одлука се однесува на дозволените летови од Македонија и Албанија и на останатите аеродроми во цела Грција.
Како што вчера објави МИА, одлуките за забрана за влез во Грција на државјани на трети земји и за ограничување на копнените граници со Македонија и Албанија, грчката Влада ги продолжи за уште две седмици, односно до 5 април 2021 година во 6 часот наутро.
Границите на Грција, веќе една година се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани. Одлуката беше воведена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш се продолжува на секои две седмици.