Европа започна забрзано да ги троши своите резерви на природен гас уште пред вистинскиот почеток на зимската сезона. Рускиот енергетски гигант упати официјално предупредување дека оваа пракса може да предизвика сериозни нарушувања во енергетскиот систем.
Количините повлечени од подземните складишта во четири дена на крајот од октомври и почетокот на ноември достигнаа рекордни вредности за тие календарски датуми. Компанијата тврди дека ваквото темпо може директно да го загрози сигурното снабдување со енергенси во периодите кога потрошувачката ќе го достигне својот врв.
Според енергетската компанија, најголемото дневно празнење на капацитетите било евидентирано на 28 и 29 октомври, како и на 1 и 2 ноември.
„Гас веќе се повлекува од европските складишта со голема брзина. Повлечените количини на 28 и 29 октомври, како и на 1 и 2 ноември, беа најголеми за тие датуми откако започна водењето евиденција“, соопшти компанијата.
Брзото празнење на складиштата може постепено да го намали количеството гас што технички може да се испорачува на дневно ниво. Ваквата ситуација би претставувала сериозен проблем доколку дојде до ненадеен бран на екстремно ниски температури.
„Ова ги зголемува ризиците за сигурното снабдување со гас на потрошувачите“, предупреди рускиот гигант.
Повикувајќи се на официјалните податоци од организацијата „Гас инфраструктура Европа“, подземните складишта низ континентот на 28 октомври биле наполнети со 74,9 проценти од вкупниот капацитет, што се смета за историски најниско ниво за овој период од годината.
Особено ниски резерви се регистрирани во земји како Германија, Холандија и Австрија, каде што вкупната исполнетост на капацитетите паднала под 70 проценти.
Германија, која располага со едни од најголемите капацитети за складирање гас на европскиот континент, ја започнала грејната сезона со наполнетост од едвај 61,6 проценти, што претставува најнизок забележан старт досега.
Меѓународната агенција за енергија претходно упати предупредување дека европските резерви би можеле драстично да паднат под 10 проценти пред истекот на претстојната грејна сезона.
Подземните складишта играат клучна улога во енергетската стабилност, покривајќи приближно една третина од потребите за природен гас во Европската Унија во зимскиот период.
Европската регулатива донесена во 2022 година предвидуваше капацитетите за гас да достигнат исполнетост од најмалку 90 проценти пред почетокот на секоја грејна сезона.
