Како резултат на успешна координирана истрага меѓу Министерството за внатрешни работи и Федералното истражно биро (ФБИ), откриен е администраторот на нелегалниот онлајн пазар „OLVX“, преку кој се нуделе украдени лични податоци, пристапни акредитиви и алатки за извршување компјутерски криминал.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до ОЈО Тетово поднесе кривична пријава против Е.А. (20) од Голема Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „компјутерска измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
Акцијата е резултат на првично добиени информации од ФБИ, по што следувала заедничка, координирана истрага насочена кон откривање и сузбивање на криминалните активности поврзани со нелегалниот онлајн пазар „OLVX“.
Според обезбедените докази, пријавениот во периодот од 2023 до 2025 година бил администратор на домени и веб-страници поврзани со платформата „OLVX“, која служела како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за извршување кривични дела.
Главни корисници на платформата биле сајбер-криминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки и компјутерски мрежи на жртви. Во периодот на функционирање на платформата биле понудени над 1.500 украдени пристапни акредитиви.
Истрагата дополнително утврдила дека во периодот од 2025 до 2026 година пријавениот администрирал и нелегална онлајн група под името „ONEMILI“ на комуникациската апликација „Телеграм“. Преку оваа група биле нудени услуги и софтверски алатки за извршување компјутерски криминал, вклучително и измами поврзани со незаконско враќање парични средства.
Дополнително, обезбедени се докази дека пријавениот преку апликацијата „Телеграм“ набавувал и поседувал за себе материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Оваа операција претставува прва заедничка координирана сајбер-операција меѓу МВР и ФБИ, потврдувајќи го значењето на меѓународната полициска соработка во откривањето и сузбивањето на современите форми на организиран компјутерски криминал.
Министерството за внатрешни работи, преку Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, останува цврсто посветено на борбата против сајбер-криминалот, заштитата на личните податоци и безбедноста на граѓаните во дигиталниот простор.
Успешната соработка со ФБИ претставува значаен чекор во зајакнувањето на капацитетите за справување со транснационалниот компјутерски криминал и испраќа јасна порака дека дигиталниот простор не смее да биде засолниште за криминални активности.
