Отворен настан на гардата на Армијата на Република Северна Македонија и кралската гарда на Кралството Норвешка ќе се реализира денеска на плоштад „Македонија“ во центарот на Скопје.
На отворениот настан, кој е дел од предвидените меѓуармиски активности за одбележување на јубилејот 30 години од формирањето на Армијата, граѓаните ќе имаат можност да проследат ефективни точки во изведба на кралската гарда на Кралството Норвешка која прв пат настапува кај нас, како егзерцир и други акробатски точки со воено оружје, со кои гардата е позната во светски рамки.
Настапот на гардистите, како што е најавено, ќе биде проследен од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и началникот на Вооружените сили на Кралството Норвешка, генерал Еjрик Кристоферсен кој се наоѓа во официјална посета на нашата држава, Амбасадорот на Кралството Норвешка, Јорн Еугене Гјелстад, генералите во Армијата, припадници од Министерството за одбрана и Генералштабот и од Амбасадата на Кралството Норвешка.