Заев изјави дека по Самитот е јасно оти само Бугарија се противи на нашата европска интеграција, како и дека не е сигурен дека Радев ја разбрал пораката од францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.
Имаме уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговорите за членство во ЕУ. За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија. Пораките од претседателот Макрон и канцеларката Меркел се јасни: За решенијата треба поглед напред кон иднината, а не копање кон минатото. Но, за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбра таа порака. Чекорите и блокадите што Радев ги презема во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ со целата своја мирољубивост не може да ги оправда блокадите. Мојот народ мене ми даде мандат да создадам решенија, но не ми дал мандат да оправдам политики од минатиот век – изјави Заев.
Во изјавата премиерот потенцира дека не постои земја членка која има каква било забелешка за нашите реформи и дека нашиот напредок во интеграциите во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Тој испрати и порака дека тие се подготвени за разговори со Софија, но не и за македонскиот идентитет.
Затоа, посветени сме на решавање на билатералните спорови кои се влечат од минатото, а доказ за тоа се и договорот од Преспа и Договорот со Бугарија од 2017 година. Не е нова вест дека за нас е прифатливо во духот на европските добрососедски односи да ги интензивираме разговорите со нашиот сосед Република Бугарија. Ние велиме да, можеме и мораме двете страни веднаш после изборите во Бугарија и Македонија со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања. Но, исто така, не е нова вест дека нашиот јасен и гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговарање – изјави Заев.
На новинарско прашање, дали може да има некакво поместување кон решение или воопшто не треба да се надеваме, Заев повтори дека од овој самит има силни декларации, како и дека е во исчекување оти до крајот на годината можеме да ја одржиме првата меѓувладина конференција.
Времето е пред нас, рековме дека одлуките за првата меѓувладина конференција, првиот момент е средината на декември, тогаш ќе бидат завршени изборите и кај нас и во Бугарија, и тоа ми дава надеж на вака силни декларации од страна на ЕУ, кои се испорачаа денеска и тоа многу прецизни – верувам вака прецизни дури и после 2003 година од солунскиот самит. Треба да бидат некое охрабрување за сите нас да продолжиме да бараме решение, времето е пред нас, јас останувам во исчекување дека до крајот на годината, средината на декември, можеме да ја добиеме позитивната одлука односно и до крајот на годината да ја одржиме првата меѓувладина конференција – изјави Заев.
Тој посочи дека билатералниот проблем меѓу Скопје и Софија ги засега и сите други земји од Западен Балкан, пред се Албанија, бидејќи е директно врзана со нас, но влијае и на мотивацијата на Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.
Вметнување на Бугарите во Уставот, но пред полноправно членство во ЕУ
Додека Радев претходно во изјавите за медиумите зборуваше дека се работи за „5 + 1 точки“, односно споменуваше билатерален протокол со шест точки кои содржат краткорочни решенија кои треба да бидат исполнети пред почнување на преговорите и долгорочни кои ќе се набљудуваат во текот на преговорите, Заев денеска во изјавата потенцираше оти тие точки се дел од патоказот кој македонските власти го доставиле на бугарската страна за време на посетата на Софија во јуни. За потпишување нови договори, според него, не станало збор.
Се работи за точки кои се решливи, не е дека не се решливи и се работи за нешто на кое дополнително треба двете страни да се посветат. Од наша страна постои подготвеност да влеземе во решавањето. Прво, многу е важно што македонскиот јазик и народ не се допираат со овие пет точки туку се работи за дипломатска нота – кратко и долго име, за немешање во внатрешни работи, за намалување на говорот на омраза, за интензивирање на работата на експертските комисии кои треба да имаат определено барем колку пати годишно ќе се среќаваат, како и тоа што го спомнавте за делот на бугарската етничка група во Македонија – изјави Заев.
Што се однесува до конкретното барање на бугарската страна Бугарите да се вметнат во Уставот, Заев изјави дека со тоа нема проблем, но такво нешто би се случило пред полноправното членство во ЕУ, а не сега.
Ние немаме проблем со тоа прашање, јас многупати сум одговарал на тоа прашање, но секако следно отворање на Уставот ние очекуваме пред полноправното членство во ЕУ и тогаш како една Хрватска што направи и ние би направила таква интервенција. Немаме проблем за Хрватите, Црногорците, Бугарите… Верувам со тоа што сум дал и јавни изјави, ќе можеме да се придвижиме, но нас ни треба ветување дека ќе добиеме „да“ затоа што ова важи ако добиеме „да“ и одржиме прва меѓувладина конференција – изјави Заев.