На сите кандидати на СДСМ, в понеделник, после поразот, ќе им биде полесно отколку на Зоран Заев. Кој не е кандидат. Всушност, тој е кандидат за премиер во оставка. Непромислениот и самозаљубен муртинец овие избори ги прогласи за „историски“. По негова волја, овие избори се референдум, се гласа за или против Заев. И народот го прифати предизвикот, уште во првиот круг го казни нарцисот. Ќе го казни и в недела. СДСМ ги губи овие локални избори и никаква црна кампања не може тоа да го спречи.

Кампањата за оцрнување на Данела Арсовска нема многу да му помогне на Зоран Заев да се спаси од пораз на локалните избори.

Да, најновите атаци привремено ја исфрлија „од седло“ претендентката на опозицијата за градоначалник на Скопје и ја дефокусираа од рутинското приведување на кампањата кон нејзиното финале. Но, јавноста одамна веќе не се импресионира од тоа што многу Македонци поседуваат лични документи издадени од соседните земји и тоа не е наратив со кој може да се направи пресврт.

Начинот на кој СДСМ ја експлоатира оваа приказна и обвинувањата дека Арсовска била „странска инсталација“ покажуваат, всушност, дека партијата ги има истрошено сите адути и сега се фаќа за сламка, враќајќи една реторика што ја оставивме зад себе уште во 1990-те години.

Па ве молам, кој сериозен во денешно време зборува за „странски инсталации“? Дури и она Груево „странски служби“ беше гламња, ама ова со „инсталациите“ е ептен ќумур!

Многу поинтересна за анализа е дилемата која е цената што треба да се плати за оваа разузнавачка акција одработена со помош на софиски кругови и кој ќе ја плати. Ќе видиме после изборите.

Како и да е, црната кампања на СДСМ покажува дека партијата, за жал, сега ги живее најцрните денови во својата историја. Веројатно и затоа овие избори Заев ги нарече „историски“.

Трите предавства на СДСМ
Овој СДСМ на Зоран Заев дефинитивно не го заслужува Скопје.

Самите си кажаа, на камерниот митинг во салата „Борис Трајковски“. За нив Скопје е – дијагноза.

Заев го отфрли Скопје уште во предизборието.

Тој се откажа од двајцата свои најдобри градоначалници, барем според анкетите – од Саша Богдановиќ и од Стефан Богоев, градоначалниците на Центар и на Карпош. Тоа се општините кои секогаш биле бастиони на СДСМ во главниот град.

Зошто го стори тоа Заев? Поради суета? Поради нешто друго? Само тој си знае …

А ние многу добро знаеме дека тој се беше откажал и од Петрета Шилегов. Само одлучноста со која Шилегов ја најави својата кандидатура за втор градоначалнички мандат го натера муртинецот да ја батали својата потрага по „друго дете“.

Втор пат СДСМ на Зоран Заев го предаде Петрета Шилегов за време на изборната кампања. Кампањата почна и ќе заврши како муртинско шоу. Во кое со вревење, со постојан грч во лицето и со еден фатален и непростлив непристоен гест, Заев целосно ја разголи својата нарцисоидност. Така ја компромитираше кампањата на Шилегов и на другите кандидати. На крајот, како што гледаме, целосно ја упропасти и ја сведе на црнила.

Третото предавство на овој СДСМ на Зоран Заев се случи на првиот изборен ден, на 17 октомври. Многу, премногу симпатизери на СДСМ, сегашни и бивши, не гласаа за својот кандидат. На Заев му дадоа жолт картон, а на Шилегов му порачаа дека градоначалник на Скопје не се станува со победа само во Шутка, во Чаир и во Сарај. И со едно скромно, килаво водство во Центар …

Ќе биде ли Шилегов градоначалник со посебни потреби?
Бива ли скопски градоначалник без голема победа во Центар и во Карпош, без доминација во Аеродром и во Кисела Вода, без победа во Бутел и во Гази Баба, без Ѓорче Петров?

Бива ли градоначалник на Скопје само со гласовите на ДУИ? Ќе биде тоа голем товар и опасна хипотека за Шилегов.

И како воопшто ќе „владее“ Шилегов без мнозинство во Советот на Скопје? Тешко …

Мислам дека Петре Шилегов навистина ќе си направи лоша услуга ако дозволи да биде октроиран за градски татко. До сега, некому добар а некому лош, ваков или онаков, тој барем беше градоначалник во Скопје со неспорен политички легитимитет и во полн капацитет.

Отсега, ако случајно „победи“ во вториот круг, ќе биде градоначалник со посебни (политички) потреби.

Петре ли ќе го спасува Зорана?!
Што ќе му е тоа на Петрета Шилегов? За да го спаси Зорана Заев?!

Па зарем не гледаат Шилегов и симпатизерите на СДСМ дека Заев се откажа од Скопје уште пред изборите.

СДСМ се откажа и од Охрид, од Битола и од Прилеп, од Штип и од Велес, а непосредно пред изборите и од Куманово. Од повеќето наши поголеми градови, од нашите градски центри со традиција на урбано живеење. Затоа во тие градови кандидатите за градоначалници од СДСМ во првиот круг добија црвени и жолти картони.

Граѓаните на Македонија веќе го казнија Зоран Заев. Ќе го казнат и скопјани. Бидејќи откажувањето од Скопје најмногу ги боли.

Сработеното во неговиот (Заевиот) мандат за Скопје е далеку зад потребите и зад потенцијалите на метрополата, а сигурен сум и далеку под желбите и амбициите и на самиот Шилегов.

Заев го провинцијализираше духот на Скопје
Во овие четири години, Зоран Заев го казни Скопје. Брутално го казни. Тој го провинцијализираше велеградот во секоја смисла. Заев се обиде од Скопје да направи паланка. Касаба.

Не зборувам јас за напливот на луѓе од провинција во главниот град. Таа миграција не е ништо ново и непознато. Од земјотресот наваму, Скопје е отворен град. За разлика од една Љубљана, на пример. Можеме да дебатираме дали е тоа стратешка грешка, но и ако е, не е фер за тоа да го обвиниме Петрета Шилегов. Иако морам да кажам дека никогаш не сум ја забележувал таа миграција толку нападно како во последниве години.

Но, ајде да не се правиме сите големи граѓани и особено не „стари“ скопјани!

Отсекогаш ме нервирал тој фетиш. „Стари скопјани“. Ма што е тоа? Фодули без основа! Денешно Скопје е релативно нов и млад град и повеќето од нас во него сме нови. Дојденци. И јас сум дојденец. Дојден сум тука пред 53 години и овој град го сметам за свој. Иако сум дошљак, како што велат тие, „старите“ скопјани.

За друго зборувам сега, со сета почит кон „старите“ и кон „новите“ скопјани, но и со полно разбирање за сите оние десетици илјади луѓе кои секојдневно доаѓаат во Скопје и се враќаат во своите места во внатрешноста на земјата. Зборувам за начинот на кој Зоран Заев, како никој друг пред него, придонесе за едно сеопшто провинцијализирање на Скопје. Тој се обиде во метрополата да го пренесе духот на струмичкиот феудализам. И да си кажеме право, беше на добар пат да успее во тоа.

На социјалните мрежи и во некои медиуми под контрола на СДСМ, од перото на некои негови најверни слуги и апологети, неретко можевме да прочитаме како тие ја разбираат мисијата на екипата сдсмовски провинцијалци на чело со Заев – ние продираме и го освојуваме Скопје, за да им покажеме на „скопските фраерчиња“ како се владее! Да да, така пишуваа и говореа низ градот. Би можел да бидам и брутално прецизен и да посочам на една друга именка, којашто почесто ја спомнуваа во овие години, именувајќи ги скопјани со неа, именка која згодно се римува со „фраерчиња“. Но тогаш би морал да барам прошка и од скопјани и од ЛГБТИ заедницата …

Добрата вест е што таа мисија заврши на 17 октомври. Со пораз на СДСМ во повеќе скопски општини уште во првиот изборен круг, скопјани на Заев му рекоа – ако беше за атер на СДСМ и за каузата, доста беше! Скопје не е Муртино!

СДСМ киднапиран од струмичко-паланечка клика
Овој СДСМ, за жал, останува киднапиран од една клика на паланечки провинцијалци. Агилни партиски апаратчици. Послушници и ласкавци. Тоа е првата постава на Заев, тие ги крепат неговите одлуки, одлуките на единствениот десижн мејкер, на султанот. Сите други слушаат, молчат и креваат два прста.

Погледнете го врвот на СДСМ. Ако се изземе ветеранката Радмила Шеќеринска, која Заев ја задржа покрај себе по принципот „пријателот држи го блиску до себе, а непријателот уште поблиску“, освен Петре Шилегов и можеби уште една или две познати партиски фаци, гледате ли други скопјани во првиот партиски ешалон?

Згора на тоа, овој СДСМ е потонат во клиентелизам, корупција, агресија и простаклук. Кампањата тоа го потврди.

Жалам, но тоа е вистината. И таа мора да се каже јавно. Гледам, за неа говорат и многу отфрлени членови на СДСМ, на кои им е залепена етикетата „бранковисти“. Колку побрзо другарчињата се соочат со оваа вистина, толку побрзо СДСМ ќе се реформира и ќе излезе од оваа длабока криза.

Е не може и Мерко во Струга и Петре во Скопје!
Знам дека има луѓе што горат од желба да му поверуваат на муртинецот, кога ги убедува дека ја разбрал пораката од народот и кога ветува промени. Знам и го разбирам тој порив. Само што …

Еве, да беше макар за миг она што никогаш не бил – човек од збор – Зоран Заев можеше веднаш да ги увери своите приврзаници дека е сериозен кога ја издава својата најнова директива со кодно име „гејм чејнџ“. И за прв пат скопјани, а и сите Македонци, можеби ќе му поверуваа.

Можеше да се обиде да поврати барем дел од изгубената доверба, но не со зборови, туку со дела. Веднаш. Сега. Меѓу двата изборни круга.

На пример, можеше да ја прифати оставката на министерот за здравство Венко Филипче. А зошто да не? Да не се венчани тие двајцата?

Ако баш и не може Филипче чејнџ, можеше муртинецот нешто друго да стори. Можеше да не го поддржи Рамиз Мерко за Струга, на пример. Наместо тоа, тој и СДСМ јасно и гласно, дури и пркосно, застанаа зад Меркота.

Брука невидена!

Е не може и Мерко во Струга и Петре во Скопје! Тоа не е гејм чејнџ, тоа навистина е – гејм овер!

И покрај овој последен обид со црна кампања против Арсовска да ги подобрат изгледите на својот скопски кандидат, останува вистината дека Заев и овој СДСМ, во име на некои „повисоки“ интереси и пазарења, всушност, се откажуваат од Скопје и од Петрета Шилегов и пред вториот изборен круг. Потврдувајќи така дека Заевите ветувања се само празни зборови, во кои никој веќе не верува.

Овие избори се референдум, се гласа за или против Заев
Кога сме веќе кај Шилегов …

Јас немам ништо против човекот. Не му барам црно под ноктите. Имам пристојна комуникација со него. Не ги трпам шарените шапшали околу него, како што и тие не ме трпат мене – поштено! – ама со Шилегов си имаме муабет. Отворен муабет, без лицемерење. Добар сум и со сите други сдсмовски градоначалници што ги познавам, од кои дел сега веќе се бивши.

На сите нив в понеделник, после поразот на СДСМ, ќе им биде полесно отколку на Зоран Заев. Впрочем, тој и не дозволи ова да биде нивна трка …

Непромислениот и самозаљубен Заев овие избори ги прогласи за „историски“. По негова волја, овие избори се референдум, се гласа за или против Заев. Тој доминираше во кампањата, на сцената и зад неа. Јас па јас. Сите други се во втор или трет план.

И нека му биде.

Народот го прифати предизвикот. Во првиот круг го казни муртинецот. За сè. И за името. И за ова што го прави со Бугарите. И за криминалот и корупцијата. И за неправдите. Ама баш за сè.

Ете, затоа овој СДСМ ги губи локалните избори.

Затоа овој СДСМ не го заслужува Скопје.

В понеделник, кога ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе има најмалку еден градоначалнички мандат повеќе од СДСМ – а ќе има многу повеќе – Зоран Заев ќе биде исправен пред нов предизвик, како да го исполни своето ветување да даде оставка.

Сите знаеме дека тоа нема да се случи. Ако мора да го напушти кормилото во владата, Зоран Заев сигурно ќе продолжи да го води овој СДСМ. Во нови и нови катастрофи.

Не знам дали воопшто во СДСМ има луѓе што ќе се осмелат да му речат на Заев дека треба да отстапи и дека партијата мора итно да се реформира, зашто во спротивно уште сега треба да се помири со пораз и на претстојните парламентарни избори.

Но, тоа е веќе тема за која ќе дебатираме од понеделник. Кој ќе ја преживее недела, ќе раскажува …, пишува Бранко Героски во сојата колумна на плус инфо.