Според Заев, потврда за тоа е Преспа форумот за дијалог со учество на светски државници, лидери и општественици кои, како што рече, дадоа почит на сето она што го правиме во С Македонија.

– Постигнавме убав баланс со едно општество за сите, за да има мир и соработка, а преку тоа да има посилна економија и повисок животен стандард. Историски проблеми решававме во овие четири години. Постигнавме договори со Грција и Бугарија, ги отворивме вратите, станавме членка на НАТО, денес сите земји членки на ЕУ зборуваат позитивно за Република Северна Македонија и сите 26 земји членки денес разговараат со Бугарија за да станеме земја членка на ЕУ. Денес сме НАТО, трајно е обезбедена нашата безбедност, нашиот територијален интегритет и го заштитивме идентитетот. Претходно, за сите бевме ФИРОМ, а денеска за сите, за целиот свет вклучително и за Грција сме Македонци со македонски идентитет, рече Заев.

С Македонија, нагласи тој, денеска е поддржувана како никогаш претходно и за секоја наша идеја и проект имаме поддршка и од САД, и од Европа.

– Блокадите на Бугарија ја кренаа нашата слава. Јас сум убеден дека низ духот на пријателството, внимавајќи целосно на нашите идентитетски линии, ќе изнајдеме решение, затоа што во наш прилог е соседите да ни бидат пријатели, прашањата да ги решаваме низ дијалог, а не со кавги и конфликти, каде народот ја плаќа сметката, рече Заев на трибината во Валандово.